Уапсен крадец во Гази Баба: влегол во канцеларијата на градоначалникот, на ПМФ и на Шумарскиот факултет

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил неколку тешки кражби и една тешка кражба која останала во обид.

 

„Од август 2024 до април годинава осомничениот 48-годишник продолжено во повеќе наврати вршел кражби во канцеларии на општина Гази Баба. Најпрво на почетокот на август 2024 насилно откорнал метална решетка на прозорец и од кацеларија на службеникот за внатрешна ревизија одзел лаптоп компјутер вреден 18.000 денари. Потоа, неколку дена подоцна, насилно отворил друг прозорец и од канцеларијата на градоначалникот одзел уште три лаптопи во вкупна вредност од 74.000 денари. Во април годинава, повторно насилно влегол во една од бараките, пребарувал и одзел лаптоп, бормашина и други предмети, вредни вкупно 41.100 денари“, соопшти Обвинителството.

 

На 19 април 2025 осомничениот насилно ја отворил влезната врата на Миколошката лабораторија на Природно-математичкиот факултет и украл шест лаптоп компјутери и 500 денари, односно вкупната вредност на одземените предмети е 208.576 денари.

 

Два дена подоцна осомничениот насилно влегол и на Шумарскиот факултет, пребарувал во два кабинети и во читалната, но од непознати причини се откажал од намерата и без да земе ништо го напуштил местото на настанот.

 

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.