Отворен новиот дел од градинката во Јурумлери

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска го отворија проширениот дел од градинката „Морковче“ во Јурумлери.

 

„Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50 отсто за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. На овој начин преку инвестициите во градинките инвестираме во раниот детски развој, а со тоа и во иднината на нашата држава. За идната година во буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконстрикција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и обезбедени се дополнителни 15 милиони евра од Светската банка за изградба на градинки“, рече Царовска.

 

Министерката истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите, се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот што се грижи и ги воспитува децата.

 

Градоначалникот на Гази Баба истакна дека градинката „Морковче“ во Јурумлери, конечно, го доби потребниот капацитет за децата.

 

„Доградбата на новата занимална од 74 квадратни метри овозможува сместување за 24 деца, а канцеларискиот простор што не се користеше го пренаменивме во јасли, со капацитет за нови 22 деца, а со тоа се доби уште една дополнителна занимална. Оваа градинка сега располага со капацитет за 120 деца, кои ќе бидат поделени во групи, соодветни на секоја возраст, можност што досега ја немаа“, рече Георгиевски.

 

Општина Гази Баба за оваа намена издвои 2,5 милиона денари, а со 500 илјади денари од Министерството за труд и социјална политика е опремена градинката.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.