Во Ѓорче Петров одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост: интеграцијата на овие лица не е само наша обврска, туку и наша заедничка придобивка
- Детали
- Категорија: Ѓорче Петров
- Создадено: 03 Декември 2024
По повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Општина Ѓорче Петров организираше отворен ден на час по физичко и здравствено образование под мотото „Заиграј со нас“, каде што учествуваа деца со типичен и атипичен развој.
„Низ низа активности кои вклучуваат стимулација на физичкиот развој, социо-емоционалниот развој, ориентација, координација, прецизност, брзина, рамнотежа и визуелна интеграција, уште еднаш покажавме дека сите деца, без разлика на нивните способности, заслужуваат поддршка и можност за напредок.
Овој ден не потсетува дека интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на животот – политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот, не е само наша обврска, туку и наша заедничка придобивка. Секој ден е можност за поддршка, но 3 декември е денот за гласност и посветеност“, рече градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните во спортската сала „Христо Батанџиев“.
Како општина, додаде Стојкоски, секогаш стоиме на страната на инклузијата.
-Со гордост можеме да кажеме дека токму кај нас функционираат најголем број центри за поддршка и развој на лицата со попреченост. Нашата заложба е јасна – никогаш нема да дозволиме овие наши сограѓани да бидат заборавени или оставени на маргините – подвлече градоначалникот.
Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува секоја година со цел да поттикне разбирање за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и да ја мобилизира поддршката за нивното достоинство, права и благосостојба.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс