
Општина Ѓорче Петров го одбележа 9 Мај – Денот на победата над фашизмот
- Детали
- Категорија: Ѓорче Петров
- Создадено: 09 Мај 2025

На споменикот на партизаните – симбол на отпорот и жртвата за слобода, со длабока почит и во духот на незаборав, денеска во паркот во Ѓорче Петров беше одбележан 9 Мај – Денот на победа над фашизмот.
На настанот присуствуваа бројни делегации кои им оддадоа почит на борците за слобода. Делегацијата од Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски кој во своето обраќање истакна дека овој ден не е само историски настан, туку ден на живо сеќавање.
„Ова е и ден кога се потсетуваме на оние кои застанаа против најголемото зло на 20 век и го платија тоа со сопствениот живот, верувајќи во слободата, правдата и достоинството. Пред повеќе од осум децении, нашите предци – храбрите партизани од Народноослободителната борба, со срце полно љубов кон родната земја и со неуморна верба дека Македонија заслужува слободна иднина, ја заокружија вековната борба на македонскиот народ за своја држава“, рече градоначалникот, додавајќи дека слободата која ја уживаме денес е резултат на жртва која заслужува длабока почит.
Тој посочи дека денешната борба е различна – таа не се води со оружје, туку со збор, со избор и со одговорност.
„Денешниот непријател можеби не е облечен во униформа, но се крие во обидите за бришење на историска вистина, манипулација со идентитет или заборав на жртвите“, нагласи Стојкоски.
Да ја чувате Македонија, додаде, не значи само да ја сакате, туку и да се борите за вистината, за правдата, за чесноста, за достоинството – вредности кои не застаруваат и кои се темел на секое здраво општество.
Во духот на наследството од НОБ, Стојкоски повика на пренесување на пораките за слобода и храброст на младите генерации.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
