Ѓорѓиевски: Голготата ќе продолжи, за жал, единствен излез е Арсовска да си поднесе неотповиклива оставка и да се оди со избори во Скопје

Како од понеделник, со почетокот на учебната година, ќе го решат акутниот проблем со недостиг на автобуси во јавниот превоз, не кажаа ниту градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ниту владините претставници, но продолжија со обвинувања. Претседателот на Заедницата на локалните самоуправи (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, повтори дека решение на проблемите на скопјани е оставка од градоначалничката откако на седницата на Град Скопје не најдоа начин за зголемување на бројот на автобуси за јавен превоз.

„И сè да се овозможи од она што градоначалничката го бара, во пракса нема да има некаков напредок, исчекор. За жал, скопјани се заложници во моментот на еден човек, кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој сите му се криви, освен прстот да си го впери во себе и да си го најде проблемот во себе. За Скопје, спас во моментот е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка. Арсовска нема поддршка ни од нејзините соработници, по неколкумина директори на јавните претпријатија менува на шест месеци. Знаеме дека станува збор за личност што е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски денес по дебатата за предлог-законите за јавната администрација.

Тој потсети дека Владата ѝ понудила рака за соработка, но таа ништо не прифатила, на состанокот со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа дошла неподготвена, па затоа не верува дека во наредниот период нешто ќе се среди.

„За жал, верувам дека ќе продолжи голготата, потенцирам, за жал, и единствен излез е Арсовска да си поднесе оставка и да се оди со нови избори за Скопје затоа што проблемите се далекосежни, последиците се далекосежни. Не се последиците само за јавниот транспорт, проблеми има и во ‘Водовод и канализација’, проблеми има и во ‘Комунална хигиена’, во ‘Паркови зеленило’, практично проблеми има во секое јавно претпријатие и во нивната функционалност. Ние до недоглед може да бараме вина во кого било, но вината на крајот на денот е во менаџерот, во тој што добил историска шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за своите граѓани. Немаме напредок на тоа поле“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски вели дека градоначалниците на скопските општини од сите политички партии нема да се откажат од едногласното барање за одземање на ингеренциите на Град Скопје. По укажувањето од министерот Перински дека не може да се оди директно со одземање на ингеренциите на Град Скопје, Ѓорѓиевски најави дека е можно токму градоначалниците на скопските општини да бидат иницијатори за измена на законските решенија.

И министерот Перински рече дека е подготвен за измени во Законот за локалната самоуправа.

„Би поддржал какви било измени на кој било закон, само да се реши ова лудило. Ние барањето од ЗЕЛС мора да го гледаме по два основа. Првин е правниот основ. Во согласност со постојните законски решенија, законски утврдените овластувања што ги има Град Скопје не може да бидат одземени. Втората основа ни беше што од тоа и како ќе биде спроведливо во пракса. Ние бараме инстант-решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да го решаваме ова на начин по укажувањата од градоначалниците, верувајте, за ова треба време. Менаџментот и Советот на Градот се местата на кои може најлесно и најбргу да се решат проблемите“, рече министерот Перински.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на седницата на Советот на Скопје побара советниците да изгласаат одлука за набавка на нови екоавтобуси, а за што не доби поддршка со објаснување дека автобуси на Скопје му требаат сега, а не по една година и со ново задолжување. Кога не доби поддршка, Арсовска порача дека вината што скопјани чекаат автобуси на горештини и студ е поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не гласа нови автобуси и ги жртвува здравјето и животот на граѓаните за политички поени.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.