(Видео) Кирков: Кумата на хаосот, Арсовска, го води Скопје кон целосен мрак, не поднесе предлог-буџет за 2025, бараме одговорност
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 11 Декември 2024
Нема крај на скандалите кога станува збор за Данела Арсовска. Арсовска сега не поднесе предлог-буџет за 2025 година во законски предвидниот рок. На Град Скопје сега му се заканува целосна блокада, вели Стефан Кирков, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
„Се случи тоа што го предвидувавме со месеци и апелиравме неколкупати. Стравувавме дека сценариото за целосна блокада на Град Скопје може да стане реалност. Сега тоа и се случува.
Кумата на хаосот во Скопје при крајот на својот мандат, поддржана од коалицијата Левица – СДС – ДУИ, продолжува со црните сценарија за Скопје“.
Според него, во историјата на Град Скопје до денес се нема случено да биде доведено во прашање функционирањето на градот во целина.
Без буџет за следната година, Град Скопје, како што соопшти тој, ќе биде под целосна блокада, нема да функционираат и онака нефункционалните јавни претпријатија, установите во Скопје. Или ќе биде блокирана и онака нефункционалната „Комунална хигиена“, како и ЈСП, нема да функционираат претпријатијата, како „Водовод“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, депонијата „Дрисла“, „Лајка“. Тука се и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, МКЦ, Културно-информативниот центар, Музејот на град Скопје, Зоолошката градина, Детскиот културен центар и други.
Накусо, како што додаде, Скопје ќе доживее целосен мрак.
Појасни дека вчера измина последниот ден за доставување предлог-буџет до Советот и до Град Скопје.
„Ова е рокот предвиден за работа на Градот и Советот, а објавен како документ во службено градско гласило. Данела Арсовска не поднесе буџет и со тоа ги остава Скопје, сите јавни претпријатија, установи и повеќе од милион жители да бидат нејзин заложник. Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме сите државни институции, Владата, веднаш да пристапат кон решавање на овој проблем. Скопје не смее да биде заложник на Данела Арсовска подржана од СДС – Левицата – ДУИ. За ваков преседан, кој го води Скопје кон целосен мрак, Данела Арсовска мора да одговара“, нагласи Кирков.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс