Шилегов: Езерото Треска повторно ќе биде еден од бисерите на Скопје

Езеро Треска

Езерото Треска повторно ќе биде еден од бисерите на Скопје, ова го истакна градоначалникот на Град Скопје на последната седница на Совет кога се донесе одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Градот Скопје и Општина Сарај за ревитализација на езерото Треска, со што градот во наредните три години ќе вложи 7 милиони денари, а за да се врати сјајот на овој рекреативен центар неопходно е да се изработи проект за ревитализација на Езерото Треска.

 

Заради остварување на заедничка цел и интерес за финансиско учество за изработка на проект за ревитализација на Езерото Треска, со што езерото повторно би се ставило во функција на граѓаните, Градот Скопје на последната седница на Совет донесе одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Сарај за изработка на проект за ревитализација на Езерото Треска каде градот во соработката ќе учествува со 7 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје, од кои 3 милиони од буџетот за ова година и по 2 милиони од Буџетите за 2019 и 2020 година.


РЦ ,,Треска,, е изграден од 1978 година со средства од самопридонес на тогашните граѓани на Скопје, оставен на сегашните граѓани. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека РЦ ,,Треска,, е еден од најголемите капитални објекти со јавно зеленило и негова заложба ќе биде рекреативниот центар да се остави на идните генерации, а фактот што рекреативниот центар ќе биде атрактивно и достапно место, наместо запуштено, е доволно за да се одобри проектот и како што истакна, езерото повторно да биде еден од бисерите на градот.


Шилегов потенцираше дека студијата за езерото Треска изработена од претходното раководство, можеби ќе се употреби за изработка на проектот за ревитализација на езерото кое било место за релаксирање на скопјани цели 20 години, се до 1998 година кога истото е затворено за капачи поради загаденоста на водата.


Најголема пречка за реализација на овој проект претставува прочистувањето на водата во езерото. Во моментов се изработува колекторски систем на реката Треска, со што водите пречистени ќе влезат во Вардар и тој систем кој се гради се наоѓа пред влезот во Езерото Треска, што зачи дека води поминати низ колекторот ќе влезат во езерото.


Инаку, езерото се протега на површина од 136.000 м2, длабоко е од 1,6 до 3 м и има капацитет од 10.000 капачи, а површина под зеленило во овој РЦ зафаќа повеќе од 186.500м2. Овој рекреативен комплекс ,,Езеро Треска,, во 1978 година свечено го отворил Претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито при неговата посета на Скопје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.