Таксистите втор ден го блокираат Бит пазар

 

И денеска продолжи протестот на таксистите на Бит пазар, кој започна вчера.

Револтираните таксисти од неколку такси компании ја бараат старата локација за паркирање. Испратиле барање до град Скопје да им се овозможат барем три паркинг места да им бидат достапни на старата локација бидејќи токму таму имале работа.

Велат дека новото место не било видливо и немале патници и се жалат дека не заработуваат ниту пола од претходно.

Од град Скопје велат дека по консултација со граѓаните кои работат и живеат на местото каде паркираа досега, е одлучено да не се дозволува ниту застанување на такси возилата, а додаваат и дека нема да ја променат својата одлука. Според нив, понуденото и изведено решение претставува максимално квалитетно регулирање на постојката, во согласност со потребите на корисниците на услугите, како и во согласност со сообраќајните и урбанистичките решенија на просторот.

Таксистите најавија дека ќе протестираат се додека не го добијат она што го бараат.

Поради најавени три протести, денеска од 12 часот голем дел од автобуските линии беа пренасочени, а дел од нив возеа по скратена траса од вообичаената, соопшти ЈСП Скопје.

Поради протестот на Бит пазар предвиден во период од 12 до 16.30 часот, изменет режим на сообраќање имаа сите градски и приградски линии кои по редовната траса минуваат преку Бит пазар.

Во тек е и протест на крстосницата на „Рузвелтова“ со булевар „Партизански одреди“ кој ќе трае до 17 часот. Автобусите што сообраќаат во овој реон ќе возат во зависност од моменталните услови на терен, односно по траса наложена од сообраќајната полиција.

Вообичаено, пак, како и во изминатите неколку денови и вечерва во период од 20 до 22.30 часот поради протест пред Собрание на РМ, затворен за сообраќај ќе биде центарот на градот. Возилата од јавниот сообраќај ќе бидат пренасочени по улицата „Даме Груев“ (позади Собрание на РМ) и по булевар „Свети Кирил и Методиј“ (Рамстор).

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.