Еве кои градоначалници денеска ги оставија автомобилите поради загадениот воздух

Во Скопје веќе втор ден важат итните мерки кои ги донесе Град Скопје поради енормното количество на ПМ10 честички во воздухот.

 

Викендот Скопје се најде на прво место на листата по аерозагадување во светот, па се вклучи алармот за стапување на итните мерки. Со овие мерки се продолжува зимскиот распуст за учениците за два дена, па ако нема нова одлука второто полугодие ќе почне в среда. Граѓаните на Скопје имаат бесплатен јавен превоз а од Град Скопје апелираат да се користи превозот и да се остават автомобилите. Од вчера и цените на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг се двојно зголемени,  а донесена е и одлука за  прекинување и градежните активности на градилиштата под наглежност на  Град Скопје. На работодавците, пак, им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. За лицата кои работат на отворено, работното време треба да биде од 11 до 17 часот.

 

Државните институции и јавните претпријатија треба да ја намалат до 50 проценти употребата на службени  возила. Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведува контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух. Од Министерството за внатрешни работи, пак, Град Скопје побара зачестено да ги контролира издувните гасови на возилата.

 

Одредени општини излегоа со соопштенија дека издадените мерки се почитуваат. Во Општина Гази Баба градоначалникот Борис Георгиевски информираше дека, општината се придржува до мерките и препораките на Владата и Градот Скопје. Инспекциските служби на општината имаат засилени контроли, времено се запрени сите градежни активности каде инвеститот е општината, а апелира истото да го следат и приватните инвеститори. ЈКП Гази Баба интензивно работи заедно со градските служби во чистење на јавните површини и улици.

 

Исто и од Општина Центар соопштија дека, општината ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под нејзина надлежност и ги интензивира инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла. Овие мерки ќе важат додека е висок степенот на загадување на воздухот, велат од Општина Центар.

 

Од Општина Аеродром соопштија дека инспекциската служба на општината денеска спроведе вонреден инспекциски надзор на градилиштата, автосервисите и отпадите на цела територија на општината. При контролата е констатирано дека на цела територија на Општина Аеродром генерално се почитуваат интервентните мерки, а вонредниот надзор ќе продолжи и во наредните денови, соопштија од општината.

 

Инаку денеска дел од градоначалниците своите автомобили ги оставија дома, а на работа дојдоа дел со јавен превоз а дел пеш. Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски денеска дојде со автобус на работа, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски утринава го користел автобусот со број 22, а потоа до работното место стигнал пеш. Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин исто така денеска го остави автомобилот и на работното место пристигнал пеш, а градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев на работа пристигнал со автомобил, а исто автомобилот го користел и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

 

Пред камерата на 1-ва скопска граѓаните се жалат на симптоми од отровниот воздух и шетаат со заштитни маски, но се прашуваат и дали само греењето во домаќинствата и сообраќајот се причина за загадувањето или играат улуга и некои други фактори.  

 

Мерните станици на Министерството за животна средина денеска до 13 часот покажуваа високо загадување кај Ректорат и Бутел, а средно загадување имаше во Карпош, Центар и Миладиновци.

 

.be

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.