Сервисни информации и урбани случувања во Скопје

За учениците денеска е последниот училиштен ден и почнува летниот распуст. Учебната 2018/2019 година ја завршуваат околу 270 илјади средношколци и основци, меѓу кои и 20 000 првачиња.

 

Шилегов им додели награди на матурантите-првенци на генерација

 

Градоначалникот на Град Скопје денеска им додели специјални признанија и парични награди на 27 матуранти-првенци на генерацијата 2015/2019 и 2016/2019 од 22 скопски средни училишта, посакувајќи им многу успех во понатамошното образование.

 

Имено, 22 награди беа наменети за првенци на генерација во четиригодишно образование, четири награди за првенци во генерација во тригодишно образование и една награда за најголем напредок во процесот на инклузивност.

 

Изложба за урбаниот биодиверзитет во Градскиот парк

 

Во Градскиот парк денеска е отворена изложба на хербариуми, фаунариуми и аквариум со примероци од повеќе градови во Македонија. Изложбата е во организација на Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!".

 

Целта на настанот е да се покаже како човекот влијае врз биодиверзитетот и да се евидентираат растителните и животинските видови кои се присутни во градската средина, кои видови имаат зголемена или намалена бројност, а кои видови исчезнале со текот на времето. Исто така, да се зајакне свеста за значењето на урбаното зеленило со цел да се спречи бетонската инвазија и намалувањето на зелените површини во градовите, особено во Скопје.

 

Од Институтот за биологија при Пиродно-математичкиот факултет велат дека биодиверзитетот на глобално ниво е сериозно загрозен, меѓутоа урбаниот биодиверзитет е диверзитет на кој му се придава мошне мало внимание, а е исклучително значаен за функционирањето на целиот урбан екосистем.

 

Издадена прва поштенска марка „Деца со ретки болести – Алпорт синдром"

 

Филателијата на Македонска пошта и филателистите низ светот од денеска се побогати за уште една ретка поштенска марка. Станува збор за поштенската марка „Деца со ретки болести – Алпорт синдром" и е прва во светот издадена за оваа ретка дијагноза.

 

Поштенската марка е со номинлна вредност од 18 денари и прво печатење од 6000 примероци.

 

Дизајнот е на Татјана Поцевска дизајнер во бирото за филателија.

 

Македонска пошта во соработка со здружението на граѓани за ретки болести Живот со предизвици, а на иницијатаива на мајка на дете со ретка болест, во октомври 2017 година ја издаде првата поштенска марка во светот посветена на децата со ретки болести, која доживеа огромен публицитет на глобално ниво, преку ширење на информацијата од страна на здруженија и организации за ретки болести низ светот.

 

Делови од Сопиште и Бутел утре без струја

 

Од 8:30 до 16:30 часот утре без струја ќе бидат дел од корисниците од селата Добри Дол, Ракотинци, дел од Горно Соње, воените објекти над Општина Сопиште, населба Коштан и другите во околина.

 

Во периодот од 9 до 12 часот утре без електрична енергија ќе бидат дел од корисниците од улицата „Александар Турунџев", а од 8 до 15:30 часот дел од корисниците од населбата Визбегово, „Њу Стар", кампот за азиланти, Скендер, пумпа Визбегово, Ефес Трејд во Oпштина Бутел.

 

Како што соопшти РЦУК на Град Скопје, прекините се поради планирани технички зафати во дистрибутивната електромрежа во главниот град. 

 

До крајот на неделава тропско време со повремен дожд, град и грмежи

 

Топлото и спарно време со температури до 39 степени ќе се задржи во земјава до крајот на неделава. Најтопло ќе биде од четврток до недела.

 

Најниските утрински температури, пак, ќе бидат околу 12 степени.

 

До средината на неделата претежно во попладневните часови понекаде ќе има појава на изолирана нестабилност со пороен дожд, грмежи и услови за појава на град, соопшти УХМР.

 

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.