Најаваи, активности, случувања и сервисни информации од Скопје

Општина Чаир продолжува со акцијата за отстранување на нелегалните тераси во Старата чаршија

 

Општина Чаир продолжува со акцијата за отстранување на нелегалните тераси во Старата чаршија. Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу во рамки на акцијата за отстранување на терасите поставени без дозвола во Старата скопска чаршија, се заблагодарил на сите бизнисмени кои го испочитувале законот и сами ги отстраниле терасите за кои не поседувале дозвола. Од општината посочуваат дека на нив нема да биде изречени предвидените законски казни. Иницираната акција од страна на Општина Чаир ќе продолжи да се реализира и градоначалникот Ганиу им гарантира на граѓаните дека никој нема да биде поштеден и над законот. Рокот за реакција од страна на самите сопственици е пет работни дена. По овој рок, инспекторите и полициските службеници ќе ги отстранат незаконски поставените тераси и за нив ќе бидат изречени соодветните казни, наведуваат од општината.

 

И Општина Центар ги отстранува нелегалните тераси на угостителските објекти

 

По извршениот инспекциски надзор на угостителски објекти во Општина Центар со кој се утврдува легалноста на поставената урбана опрема надвор од деловен објект, започна отстранувањето на нелегалните тераси на повеќе од 20 објекти, а во процедура се и други извршни решенија по кои општината ќе постапува во наредниот период. Ќе се отстрануваат објектите кај кои е утврдено дека и покрај немање одобрение за поставување урбана опрема од Град Скопје, тие ја поставиле опремата и направиле тераси со што бесправно узурпирале јавен простор. Согласно процедурата, иснпекциските служби на Општина Центар по извршениот увид, му издаваат на инвеститорот решение за отстранување на што претходи определен законски рок и можност инвеститорот сам да постапи по решението. Доколку инвеститорот не го стори тоа, општината со полициска асистенција, ќе го отстрани нелегалниот дел.

 

Јавна презентација и анкета за ДУП-ови за градски четврти во Општина Центар

 

Општина Центар од денеска го става на јавна презентација и јавна анкета Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт ЦС 08 – локалитет Судска палата 1 и повторна јавна анкета и јавна презентација на ДУП ЦС 06 – локалитет Судска палата 2. Нацрт-плановите за двата ДУП-а ќе бидат изложени во просториите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (бул. Гоце Делчев бр. 14), а граѓаните ќе можат да ги видат секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот, почнувајќи од денеска до 28 јуни 2019. Нацрт-плановите можат да се видат и на веб-страницата на Општина Центар, www.centar.gov.mk. Јавните презентации по двата нацрт-плана ќе се одржат на 19 јуни 2019 часот во Општина Центар (барака 6), со почеток во 13:00 и 13:30 часот.

 

Граѓаните кои ќе аплицираат на огласот на МВР да поднесат барање и да обезбедат потврда

 

Основниот кривичен суд – Скопје соопшти дека сите граѓани родени на територија на град Скопје кои ќе аплицираат на огласот на Министерството за внатрешни работи за 600 полицајци, треба навреме да поднесат барање и да обезбедат потврда дека не им е изречена забрана на вршење професија, дејност или должност, која е неопходна за аплицирање на огласот. Од Основниот кривичен суд наведуваат дека за добивање на наведената потврда, потребно е секој граѓанин или друго лице со негово полномошно заверено на нотар или адвокатско полномошно да поднесе барање на шалтерот за потврди/уверенија, што се наоѓа во старата зграда на судот, заедно со лична карта на граѓанинот или патна исправа и копија од истата и да уплати 320 денари – буџетска такса со картичка на пос – терминал или уплатница. Шалтерот работи секој работен ден од 8 часот до 14:30 часот со пауза од 11 часот до 11:30 часот, а потврдата се издава за три работни дена од денот на поднесување барање, наведуваат од Основниот кривичен суд.

 

Во 2018 година 23.562 домаќинства користеле социјална парична помош

 

Социјална заштита лани користеле вкупно 15.962 малолетни и 47.054 полнолетни корисници. Според податоците на Државниот завод за статистика, од вкупните права на социјална заштита кај малолетните корисници, најголемо учество имаат услугите на социјална работа, кои изнесуваат 52,4 отсто, додека од вкупните права на социјална заштита кај полнолетните корисници, најголемо учество имаат услугите за социјална заштита, кои изнесуваат 83,8 отсто. Во 2018 година, 23.562 носители на домаќинства (број на домаќинства) се корисници на социјална парична помош.

 

Утре протест на компаниите од Индустриската Зона Визбегово


Утре од 10.00ч до 10.30ч компаниите на Индустриска Зона Визбегово организираат ПРОТЕСТ во знак на револт поради предолгиот период на реконструкција на мостот на Јадранска Магистрала. Оттаму наведуваат дека ваквиот зафат ја блокира целата зона, го отежнува целото движење и го
уназадува комплетно работењето. Реконструкцијата на мостот се врши на  потегот од Словенечка во правец Скопје до раскрсницата Момин Поток, каде што и ќе се одржи протестот.


До четврток нестабилно со пороен дожд, засилен ветер и грмежи

 

До четврток продолжува периодот на нестабилно време, соопшти УХМР. Во попладневните и вечерните часови ќе има пороен дожд, засилен ветер и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со обилен дожд, силен ветер и појава на град.

 

Делови од Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром утре без струја

 

Делови од Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром утре ќе бидат без струја поради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа во Град Скопје. Како што информираат од РЦУК, во периодот од 12:00 до 15:00 часот без струја ќе останат корисниците од улица „Исаија Маџоски“ бр. 43, 45 и 47 во општина Ѓорче Петров, од 12:00 до 15:00 корисниците од  дел од улицата „Варшавска“ во општина Карпош и од 09:00 до 15:00 часот корисниците од улица „Тодор Чангов“ , подулиците со мали броеви, од 1 до 30 во општина Аеродром.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.