Бесплатно собирање остатоците од бербата и засилени инспекциски контроли во Скопско

Град Скопје е прва единица на локална самоуправа во нашата држава која почнува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, со цел намалување на загаденоста на воздухот, зачувување на плодноста на почвата и намалување на ризиците од пожари во овој период, најави денеска на прес-конференција скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

 

Досега земјоделците во Скопско ги палеа стрништата, плевелите и другите растителни отпадоци поради тоа што немаа можност за поинаков начин на нивно третирање, а Шилегов најави дека сега ќе можат да се обратат до Град Скопје и тој ќе го отстрани тој органски отпад од нивите.

 

– Во соработка со јавните градски претпријатија, УНДП и МДЦ-Ти.нет, во идниот период спроведуваме кампања за едукација од штетните последици од палењето на стрништата и првпат ќе им понудиме решение на земјоделците за бесплатно одлагање на отпадот од бербата. Од денеска се до 30 септември Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и со наша помош, бесплатно ќе го отстраниме од полињата како би се спречило негово палење, рече Шилегов.

 

Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071/395-395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден, од 08 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собира растителниот отпад и ќе го одлага во „Дрисла“.

 

– Апелирам по пријавувањето, со цел брзо и ефикасно отстранување на отпадот, земјодеците да го одложат отпадот од бербата на локација што ќе биде пристапна за механизацијата. Сите земјоделци кои ќе се пријават однапред ќе знаат во кој ден од неделата ќе биде отстранет отпадот. Доколку е возможно покрај личните податоците, да ни остават и точна локација, рече Шилегов, потсетувајќи дека палењето стрништа е казниво со закон.

 

Според него, досега ваквите палења не биле санкционирани поради тоа што на земјоделците не им била понудена алтернатива за овој вид отпад. Градот ќе врши засилени инспекциски контроли на терен и соодветно ќе биде санкционирано секое палење на стрништа, плевели и на други растителни отпадоци.

 

Инспекторите на Град Скопје имаат можност да снимаат со дронови, што ќе го скрати времето наменето за обиколување на земјоделските површини, а ќе даде точна локација по имотен лист за имотот на кој се пали растителен отпад.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.