„НаТочак“ повикува на протест „Велоград во контејнер“ поради контејнерите кои ги блокираат патеките за велосипедисти

 И по повеќе од две изминати недели од писмено доставеното барање на одговори до Град Скопје за несоодветно поставените контејнери на велосипедските патеки ширум градот, иницијативата „НаТочак“ соопшти дека не добиле одговор од градот на кој начин се одлучиле локациите, според кои стандарди се воделе и како се планира да се реши овој евидентен проблем на кој реагираа многу граѓани на социјалните мрежи.

 

 Поради тоа, во среда со почеток од 17:30 часот од Плоштад „Македонија“, ќе се одржи вонредна Критична маса за да се изрази незадоволството од односот и пасивноста на градските власти, кои наместо да работат на унапредување на велосипедската инфрастуктура, тие ја уназадуваат.

 

Од иницијативата посочуваат дека е поразително да се протестира за поставување на контејнери на патеките за велосипедисти и е трагично што воопшто се занимаваат со работи кои сметаат дека не треба воопшто да бидат прашање или со лекции кои одамна требало да бидат научени. Според нив, ова ситуација е враќање пет години наназад во ангажманот Скопје да добие нормални услови за движење со велосипед.

 

Од оваа неформална група, која со години наназад се залага за унапредување на велосипедскиот транспорт, апелираат дека Град Скопје треба да работи повизионерски и наместо поставување на контејнери на велосипедските патеки треба да се занимава со продолжување на патеката по кејот на Вардар на исток и запад и истата да се ослободи од коли и градби во строгиот центар, да се шири мрежата низ градот, да се градат велосипедски полигони за сообраќајно образование, да има задолжителен велосипедски паркинг во новите станбени објекти, постоечките патеки веќе да се прошируваат и крстосниците да добијат целосно нов мултимодален, неавтоцентричен лик.

 

Дел од предлозите за кои се залагаат од „НаТочак“ се и тоа дека градот треба да добие автоматизиран систем за изнајмување велосипеди, цел град каде нема велосипедска инфраструктура да се прогласи за Зона 30, да се намалат лентите за автомобилите и да се враќа просторот на пешаците, велосипедите и зеленилото.

 

Разочарани што од Град Скопје не одговориле на ниедно од прашањата кои тие и официјално писмени ги доставиле, „НаТочак“ сметаат дека молкот значи дека од Град Скопје не сакаат да се дознае кој е одговорен за одлуката за типот и локациите на контејнерите, бидејќи одлучиле несоодветни и нестручни лица или лица кои не сакаат да се носат со одговорност.

 

„Локациите на контејнерите не се размислувани пред да се направи набавката. Како влезен критериум за избор на типот не се земени постоечките локации и услови на нив. Не е размислувано ни за нови локации, надвор од булеварите. Контејнерите се нарачани без да се води сметка како ќе влијаат на одвивањето на сообраќајот (пешачки и велосипедски). Исто така, поставени се без елаборат за поставување на урбана опрема, не се почитувани стандардите за урбанистичко планирање и уредување на просторот, а уште помалку е направен напор за подобрување на тие стандарди“, велат од „НаТочак“.

 

Според нив, Град Скопје не ги консултирале ниту лицата од Секторите за сообраќај, урбанизам, СВР Скопје, како ни Координативното тело за велосипедски сообраќај и луѓе кои работат на проектот „Скопје Велоград“.

 

„Ова се сериозни пропусти во работењето на една градска администрација. Искрено, се надеваме дека е ова привремено решение и дека ваков непрофесионален пристап нема да се повтори. Се надеваме нема да има посериозни последици во меѓувреме како загрозување на животи, а штета во смисла на демотивирање на движењето пеш и со точак. Нашето единствено барање е да се дислоцираат контејнерите од велосипедските патеки и да се најде друго место за нив“, велат од иницијативата.

 

Вонредната критична маса под наслов „Велоград во контејнер“, ќе започне со собир на Плоштад Македонија, а ќе заврши пред канцелариите на Град Скопје. „НаТочак“ ги повикува сите граѓани кои се незадоволни од ваквото решение да се придружат на заедничкото возење во среда.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.