Утревечер ќе светне новогодишната елка на плоштадот Македонија
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 05 Декември 2019
Новогодишната елка што е поставена на плоштадот Македонија ќе светне утревечер во 19:30 часот, а ќе почне со работа и новогодишниот базар „Винтерленд 2020“, соопшти Град Скопје.
Со тоа, како што велат од Градот, во Скопје и официјално ќе почне празнувањето во пресрет на највеселиот ден во годината, а граѓаните ќе имаат можност да ја почувствуваат новогодишната магија и да уживаат во најразновидна забавна програма.
Новогодишните куќички на „Винтерленд“ се сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена - од отворањето на базарот, па сè до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година. Во близина на куќичките ќе биде сместена и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.
Во работните денови секој ден ќе има 2 часа детска програма која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има 3 часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма која ќе почнува точно напладне.
Градот Скопје ги поканува граѓаните утревечер да дојдат на плоштадот Македонија од 17:30 часот да ја проследат детската новогодишна програма, а потоа, во 19:30 часот да присуствуваат на осветлувањето на новогодишната елка. Сите заедно да уживаме во културно-забавните содржини кои ќе ги збогатат деновите до најлудата ноќ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс