СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Инклузивно игралиште во Бутел, Богдановиќ на средба со угостителите, нови дрва во Кисела Вода

Инклузивното игралиште во дворот на ОУ „Живко Брајковски“, кое Град Скопје го направи во соработка со Општина Бутел, денеска  скопскиот градоначалник Петре Шилегов го пушти во употреба.

Игралиштето се простира на површина од 720 квадратни метри и е инвестиција вредна околу 3.900.000 денари дадени од Градот, а партерното уредување од околу 1.500.000 денари го обезбедила Општина Бутел.

 

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА ПО СРЕДБАТА СО ЛУКАРОВСКА

Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, од вчера е во самоизолација поради средбата со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која е позитивна на Ковид-19.

По вчерашната вест за позитивниот тест на Ковид-19 на Сања Лукаревска, а поради средбата што ја имав со неа минатата недела, од вчера, а во интерес на граѓаните, самоиницијативно сум во самоизолација и покрај тоа што при нашата средба и обајцата целосно ги почитувавме мерките за заштита“, напиша Смилевски на својот фејсбук-профил.

 

585 ЛИЦА НЕ НОСЕЛЕ МАСКИ, ВО ИЗОЛАЦИЈА ИСПРАТЕНИ 337 ГРАЃАНИ

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на цела држава на 337 лица им се издадени решенија за изолација, а 62 лица потпишале изјави за самоизолација.

Од МВР информираат дека од страна на полициски службеници биле извршени контроли кај лица во изолација и самоизолација, но не се евидентирани прекршувања на мерките.

Во однос на мерката за носење заштитни маски регистрирани се 585 прекршоци.

 

БОГДАНОВИЌ НА СРЕДБА СО УГОСТИТЕЛИТЕ ВО ЦЕНТАР

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, имаше средба со претставници на угостителите од општината.

Од Општината соопштија дека во текот на неделата ќе се организираат повеќе состаноци со угостителите, распоредени територијално и етапно, со цел почитување на мерките и препораките за зголемена безбедност поради коронавирусот.

Со угостителите разговаравме за почитување на насоките и препораките од надлежните институции“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

 

КОНТРОЛИ КАЈ 2000 УГОСТИТЕЛИ, ВО 24 ОБЈЕКТИ НЕ СЕ ПОЧИТУВАЛЕ МЕРКИТЕ

МВР во соработка со Државниот пазарен инспекторат извршиле контроли на вкупно 2.184 објекти.

При проверките било утврдено дека 24 угостители не ги спроведуваат одлуките на Влада. Од вкупниот број контроли, 1.573 биле направени за време на викендот (од петок до недела), а 483 во текот на вчерашниот ден.

Понатамошното постапување по однос на констатираните прекршоци е во надлежност на Државниот пазарен инспекторат.

 

ЗАСАДЕНИ НОВИ ДРВА ВО КИСЕЛА ВОДА

Во училишниот двор на ООУ „Рајко Жинзифов“ и во населбата Расадник, општината засади јавори, софори и топчести багреми, високи над 3 метри.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.