СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Дрвја во Карпош, бесплатен паркинг во Центар, уписи во Аеродром, субвенции за велосипеди

Со садење на јавори и чемпреси во Карпош 4, долж течението на реката Вардар, Општина Карпош ја започна пролетната акција за засадување на 55 нови, висококвалитетни дрвја.

 

Сите зимзелени и листопадни дрвја кои се садат се со висина од 3, 5 до 4 метри. Тоа значи дека дрвјата се веќе развиени и уште повеќе ќе придонесат во заштита на животната средина.

 

ЗА САМО ЕДЕН ДЕН 696 СКОПЈАНИ АПЛИЦИРАЛЕ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ВЕЛОСИПЕД

Во Град Скопје се поднесени 696 барања за субвенции за купен велосипед и 91 барање за субвенции за купен тротинет.

Граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 01.01.2020 до 30.11.2020 година.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен данок .

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет.

 

АВТОБУСИТЕ 3, 3А, 3Б И 23 ВО НОВО ЛИСИЧЕ ВОЗАТ ПО РЕДОВНАТА ТРАСА

Автобусите од јавниот превоз на линиите 3, 3А, 3Б и 23 во Ново Лисиче сообраќаат по редовната траса, соопшти Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

Во изминатите осум месеци, поради градежни работи во посочениот реон, возилата возеа по изменета траса, односно беа пренасочени по булеварот Србија.

 

БРОЈОТ НА ПАТНИЦИ МОРА ДА БИДЕ ПОЛОВИНА ОД КАПАЦИТЕТОТ НА АВТОБУСОТ

Владата ја дополни уредбата со законска сила, со која е предвидено во јавниот превоз бројот на патници да изнесува најмногу до 50 отсто од капацитетот на возилата.

Автобусите задолжително треба да бидат опремени со маски и ракавици и да се дезинфицираат.

Мерките ќе се однесуваат и на правните субјекти што вршат превоз на патници за сопствени потреби.

 

ДВА ЧАСА БЕСПЛАТЕН ПАРКИНГ СО НОВАТА АПЛИКАЦИЈА НА ПОЦ

Сите услуги на претпријатието стануваат достапни и на мобилните телефони, а со првото преземање на апликацијата корисниците ќе добијат два часа бесплатен паркинг, додека жителите на Општина Центар ќе добијат 30 часа бесплатен паркинг во гостинскиот пакет на М-картата.

Исто така, преку апликацијата, жителите на Општина Центар ќе можат да ги пријавуваат комуналните проблеми на територијата на општината.

 

КОМУНАЛНА ХИГИЕНА БАРА РЕДОВНО ДА СЕ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ

ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира до своите корисници преку редовно и навремено плаќање на побарувањата за собирање и транспорт на комуналниот отпад да придонесат за ефикасно одржување на хигиената и чистотата на градот Скопје.

Би сакале да ги потсетиме жителите на градот Скопје дека платите на работници се обезбедуваат исклучиво преку сметките за комунална хигиена,  изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

 

НЕПРЕЧЕН И БЕЗБЕДЕН УПИС НА ПРВАЧИЊАТА ВО АЕРОДРОМ

Уписот на учениците се одвива непречено и според утврдениот протокол за заштита од КОВИД-19.

Пред влезот има поставено средство за дезинфекција на обувките и рацете, се врши дезинфекција на просторијата по секој разговор и се почитува физичкото растојание од два метра меѓу присутните.

Оваа учебна година во општината се очекува да се запишат околу 800 ученици.

 

 

 



 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.