СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Повик за субвенции на инвентери, глоба по 2500 евра за 50 скопјани, столпчиња за безбедност

Град Скопје денеска го распиша јавниот повик за субвенции на инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата, информираат од Град Скопје.

Согласно со условите на овој јавен повик се отвора можноста за над 5.000 граѓани на Скопје да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ. Сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот имаат право да учествуваат на повикот. Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата – изјави портпаролот Салиху.

Тој додаде дека на овој повик новитет е условот граѓаните доброволно да ја достават (без надоместок) постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на мазут на локација која дополнително ќе им биде соопштена.

 

Парични казни за 50 лица во Скопје обвинети за непочитување на здравствените прописи​

 

Скопското обвинителство поднесе предлози за издавање казнени налози против 50 лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Обвинетите не го почитувале полицискиот час, односно не се придржувале кон одлуките за забрана и посебен режим на движење на населението на територијата на државата, донесени од Владата.

Надлежен јавен обвинител предложи за 49-мина од обвинетите да биде изречена парична казна од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност. За еден обвинет предложена е парична казна во вкупна висина од 2500 евра, бидејќи лицето се товари дека сторило продолжено кривично дело согласно член 45 од Кривичниот законик, односно полицискиот час го прекршил во повеќе наврати.

 

КРЕАТИВНИ СТОЛПЧИЊА ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ ПРЕД УЧИЛИШТАТА ВО КАРПОШ

 

Општина Карпош постави заштитни столпчиња пред неколку основни училишта во Карпош, со цел, дополнително да ја зголеми безбедноста за учениците пред воспитно – образовните установи.

 

Ваков тип на сигнализација беше поставена пред училиштата „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 (од влезот на ул. „Разловечко востание“ и од пристапот на ул. „Трифун Бузев“), пред ООУ „Владо Тасевски“ во Козле (на ул. „Јуриј Гагарин“), како и пред ООУ „Војдан Чернодрински“ во населбата Владо Тасевски (на ул. „Дрезденска“).

 

Столпчиња треба да ги предупредат учесниците во сообраќајот, да ја намалат брзината на движење и да обрнат поголемо внимание кога се движат во близина на училишта.

 

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.