Aрсовска најавува изградба на мегапаркови во повеќе скопски општини

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, се заложи за изградба на паркови во скопските општни Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и во Ѓорче Петров по примерот на Градскиот парк.

 

Според Арсовска, потребата од ваква мерка се наметнува поради негрижата за Градскиот парк изминативе години.

 

„Имав можност да разговарам со луѓето што ќе бидат дел од идната локална власт во општините во градот Скопје и токму на оние места каде што заеднички разговаравме и дискутиравме дека има просторни можности, таму да се направат парковите. Меѓутоа, и не само на тие локации. Понатаму, во секој случај ќе имаме можност да разгледуваме и договараме со скопјани дали ним тоа им одговара, иако јас верувам дека никој нема да има ништо против тоа да имаат навистина убав и голем парк во своето маало“, одговори Арсовска на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

 

Кај дел од експертската јавност сепак постојат сомнежи во ваквите најави поради потребата од менувањето на детаљните урбанистички планови на секоја општина одделно за вцртување паркови, па и на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, кој е документ што ги обединува сите ДУП-ови.

 

Арсовска не откри колку би чинеле и колкава површина би зафаќале ваквите површини имајќи предвид дека се работи за т.н. мегапаркови.

 

Таа нагласи дека ќе се посвети и на изградба на 20 помали паркови, во секое од населените места, но засега нема детали дали парковите би се граделе на приватно или јавно земјиште и како Градот финансиски би го поднел тоа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.