(Видео) Петровска: И сопругот на Данела Арсовска има бугарска лична карта
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 28 Октомври 2021
СДСМ објави дека и сопругот на кандидатката за градоначалничка на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, има бугарска лична карта.
„Денеска објавуваме нови докази поврзани со овој скандал, со овој сплет на лаги на Арсовска кој целосно е демаскиран. Не само Арсовска, целото нејзино семејство има бугарско државјанство. Ова е Удостоверението на Ангел Арсовски, сопруг на Арсовска, издадено 2010 година. Идентично исто како и Арсовска, и Арсовски има бугарска лична карта. Со име и презиме, со номер, со гражданство“, изјави пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ.
Според неа, бугарската лична карта на Ангел Арсовски е издадена еден месец пред бугарската лична карта на Данела, односно на трети април 2017 година и сѐ уште е важечка.
Петровска изјави дека валидноста односно веродостојноста на документите кои ги објавуваат може да се потврдат преку официјалната интернет страница на Министерството за внатрешни работи на Бугарија.
„Со внесување на датум на раѓање и број на документ, во овој случај двете лични карти, има официјална потврда за нивната валидноста“, рече таа.
Петровска ја обвини Арсовска дека со лаги ја започнала кандидатурата и со лаги ја завршува.
„Ги излажавте скопјани, не сте независна, целото режимско ВМРО-ДПМНЕ стои зад вас. Очигледно Данела Арсовска долго време има длабоки врски со други држави, Унгарија и Бугарија. Неискреноста на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, со нејзиното лажење на граѓаните отвора и други многу сериозни прашања. За чии интереси работи Данела Арсовска? Арсовска е зависна од други држави, за мотиви за кои треба таа лично самата да ги соопшти на граѓаните“, рече Петровска.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс