Арсовска: Се чисти дивата депонија во Ново Лисиче каде ќе се реализира мега парк во Скопје

Почна да се чисти дивата депонија кај последната автобуска станица бр. 5 во Ново Лисиче. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференција со градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, денеска од Аеродром најавија реализација на еден од петте мега паркови кои се предвидени во програмата на Град Скопје.

„Уште од првиот ден почнавме не само со дополнително мапирање на дивите депонии на територијата на градот Скопје, меѓутоа и во соработка со општините под Град Скопје започнавме со чистење на дивите депонии низ градот, како едно од ветувањата коишто ги имавме за првите 82 дена од мандатот. Отпочнуваме и со еден од проектите коишто беа во 15+1 проекти за Скопје, а тоа е мега парк којшто беше предвиден за општина Аеродром, во соработка со самата општина“, истакна Арсовска.

 

 

Според неа, следните три месеци од нејзиното менаџирање на градот се клучните месеци кога треба да се реализираат сите приоритетни проблеми кои беа посочени од скопјани, а нивниот рок на имплементација е 82 дена.

„Верувам дека во наредните три месеци ќе имаме навистина тешка работа, а тоа е да ги реализираме сите оние проекти кои се предвидени во програмата, а истата е веќе и програма на Град Скопје. Знам дека по првите 82 дена скопјани ќе видат значителни разлики и подобрување во сите процеси на работа на градот“, додаде Арсовска.

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, рече дека се санкционирани неколку трговски друштва кои на дивата депонија фрлале отпад, а со реализација на мега паркот скопјани ќе го добијат вториот најголем парк на територијата на Град Скопје.

„Уште во кампањата и јас и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ветивме дека на ова место ќе се гради голем парк од 100 илјади квадратни метри со зелена и рекреативна површина. Со тоа ќе стане третиот најголем парк на територијата на општина Аеродром“, рече Муцунски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.