И покрај циркусот од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Општина Карпош го донесе буџетот, вели Јакимовски

Заврши 37-та седница на Советот на Општина Карпош, во чии рамки мнозинство советници го изгласаа општинскиот буџет за 2024 година.

Според градоначалникот на општината Стевчо Јакимовски ова беше настан без преседан во историјата на локалната самоуправа, каде што советниците на ВМРО-ДМПНЕ се обидоа, како што рече да го блокираат донесувањето на буџетот, а со тоа да го запрат функционирањето на Општината и исплаќањето плати на вработените од општинската администрација, училиштата и градинките.

„За среќа, надвладеа разумот и огромна благодарност од мене, од граѓаните на Карпош, од општинската администрација, до советниците на СДСМ, Левица и ГРОМ и двајцата независни советници Невена Георгиевска и Александар Илиески, кои што ја видоа сериозноста која што се создава со не носење на Буџетот, но со жалење можеме да констатираме дека советниците од ВМРО продолжија со нивниот деструктивен однос. Тоа беше една демонстрација на еден циркуз во кој имаше викање, како и обид да не се продолжи седницата, најмалку јавено 20 пати процедурално, па навредувања. Замислете, оној што дава 4.000 амандмани, во кој што најмалку еден бил по еден денар, тие не биле насилни, ние сме биле насилници, кои со мнозинство го носиме буџетот. За жал, сценаристот и режисерот Христијан Мицкоски кој е граѓанин на Општина Карпош, и кој се обиде да ја блокира Општината во која што живее, улогата што му ја доделил на актерот Роберт Вељановски, како главна улога, на крај не успеа да ја додржи ниту споредната улога, туку беше исфрлен на овој кастинг кој што го спроведува останатиот дел од Советот на Општина Карпош. Сега, бидејќи не глуми онаму каде што треба да глуми, се обидува да глуми во Советот на Општина Карпош“, истакна Стевчо Јакимовски.

Задоволен од исходот на денешната седница, пред медиумите се обрати и претставникот од општинската администрација, Дејан Јонузоски.

„Голема благодарност од името на сите вработени од Општина Карпош. Благодарност до дел од советниците што ја подржаа нашата борба и го изгласаа буџетот. Ова беше една победа за целата администрација која што и понатаму ќе продолжи да ги исполнува своите работни обврски“, рече Дејан Јонузоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.