Две училишта и детска градинка од Карпош користат енергија од фотоволтаици

Денеска беше пуштен во употреба првиот фотоволтаичен систем за добивање на електрична енергија, кој е поставен во основното училиште „Јан Амос Коменски“, во населбата Тафталиџе 1. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода даде изјава за медиумите.

– Локалната самоуправа продолжува да работи на подобрување на енергетската ефикасност и независност, поставувајќи две фотоволтаични системи со моќност од 25 Kw, поточно во училиштата „Јан Амос Коменски“ и „Лазо Трповски“. Значи, вкупната инсталирана сила во двата објекта ќе биде 50 Kw – прецизираше Јакимовски.

Општината има направено мерење на потрошувачката на електрична енергија во училиштата, особено наутро кога најмногу се користат смарт-таблите, каде што се бележи потрошувачка од околу 20 Kw. Тоа значи дека со намалување на потрошувачката се создаваат услови, остатокот на произведена енергија да се продава и да се вклучи во системот на ЕВН.

– Во овој случај училиштата ќе можат да приходуваат, односно во вечерните часови кога не работат фотоволтаичните системи, ќе може таа електрична енергија да се компензира. Во исто време, со средства на Општината во висина од 2 милиони денари ќе поставиме фотоволтаици во училиштата „Димо Хаџи Димов“ и „Петар Поп Арсов“. Од друга страна пак, Општина Карпош како учесник во проектот на Бирото за регионален развој и Скопскиот плански регион, ќе го искористи грантот во висина од 2,5 милиони денари, за поставување на фотоволтаични системи во училиштата „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“. Водејќи се според планот, првенствено ги опфаќаме најголемите училишта во локалната самоуправа, така што за наредната година ни остануваат другите четири училишта на наша територија – истакна првиот човек на Општината.

Градоначалникот објасни дека на овој начин се заокружува процесот на осамостојување од напојувањето на електрична енергија од системот на ЕВН.

– Засега имаме поставено фотоволтаици само во една детска градинка од вкупно 13, поточно во градинка „Мајски Цвет“ во населбата Тафталиџе 2, каде што со овој систем се добива и топла вода и електрична енергија. Потоа, секако дека ќе продолжиме со оваа иницијатива и со останатите предучилишни објекти на територија на Карпош. Оттука сакаме да ја намалиме потрошувачката на

електрична енергија, со што ќе останат повеќе средства за училиштата и

градинките за останатите потреби кои ги имаат тие. Сметаме дека сето ова ќе влијае врз подобрување на условите за работа на основците и децата од предучилишна возраст – додаде Јакимовски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.