Сите основни училишта во Карпош добиваат фотоволтаични системи, извести Општината

 

Општина Карпош информира дека континуирано работи на зголемување на енергетската ефикасност и искористувањето на обновливи извори на енергија на својата територија, водејќи грижа за комфорот и условите за престој на децата во детските градинки и основните училишта.

 

Во таа насока, минатиот викенд започна поставувањето на фотоволтаични панели во општинските основни училишта „Војдан Чернодрински“ и „Владо Тасевски“. Поставувањето на овие он-грид фотоволтаични системи со капацитет од 20 KW, претставува огромен чекор кон заштеда на енергија, намалување на трошоците и зачувување на животната средина. Проектот е реализиран со поддршка од повеќе институции, вклучувајќи ја Владата на РСМ, Министерството за образование, како и Бирото за регионален развој и Скопскиот плански регион, велат од општина Карпош.

 

Во петокот исто така беа поставени фотоволтаици во ООУ „Братство“ со капацитет од 25 KW, а за оваа интервенција Општина Карпош издвои парични средства од својот буџет во висина од 1.000.000 денари. Во таа насока, општинскиот Сектор за екологија и енергетска ефикасност деновиве ќе подготви стручна анализа, со која прецизно ќе се утврдат заштедите кои би се акумулирале од поставување на фотоволтаичните системи во училиштата, информираат од општината.

 

– Со ова училиштето ќе има заштеда на енергија поготово во летниот период кога нема настава, што значи дека тие ќе приходуваат на својата сметка за да ги намалат трошоците за струја во зимскиот период. Покрај оваа иницијатива, се заложивме сите училишта да имаат вештачка трева на своите спортски терени, во сите училишта ќе имаме по една компјутерска сала, а исто така сите основци во Карпош од петто до осмо одделение ќе работат на смарт панели. Сите училишни установи на наша територија ќе бидат реновирани, што значи дека целосно сме се посветиле на подобрување на условите за престој и работа на наставниците и учениците, истакна градоначалникот Јакимовски.

 

Досега, Општина Карпош со сопствени средства постави вакви фотоволтаични системи со капацитет до 40КW во основните училишта „Јан Амос Коменски“, „Лазо Трповски“, „Димо Хаџи Димов“, „Петар Поп Арсов“ и „Вера Циривири Трена“. Во рамки на годишната Програма на Секторот за екологија и енергетска ефикасност и Акциониот план за ЛЕАП 3, оваа година ќе се постават фотоволтаични системи и во останатите две основни училишта, „Аврам Писевски“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Со тоа сите основни училишта во општината ќе бидат целосно опремени со сопствени фотоволтаици, што ќе ги направи енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции, се наведува во соопштението на општина Карпош.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.