Општина Карпош со нов стратешки документ за екологија 2019-2024

Локалниот еколошки акционен план, ЛЕАП-2 за општина Карпош за наредните шест години, односно за периодот 2019-2024, денеска беше презентиран и усвоен од Локалниот комитет за изработка на овој план. Тој ќе се најде на усвојување веќе на наредната седница на Советот на општината, по што ќе се пристапи кон изработка на годишни акциски планови за секоја година посебно,  се додека се „исцрпи“ важноста на овој стратешки документ на локалната самоуправа.

 

На презентацијата, како што информира општина Карпош, присуствуваше и градоначалникот Стефан Богоев.

 

– ЛЕАП всушност е скенер на состојбите до каде сме на овој план, но и патоказ што треба да презмеме и што ќе преземеме во наредните години на планот на екологијата. Тоа би значело добрите практики кои сега ги спроведуваме да ги задржиме и да ги имплементираме натаму, но и да воведуваме нови, рече Богоев.

 

Тој потсети на проектите што ги реализирале во изминатата година и неколку месеци, а тоа се т.н. „зелена офанзива“ зголемување на меѓублоковското зеленило со над 300 нови садници.

 

– Општината првпат лани воведе и додели субвенции за велосипеди, додека Градот работеше на обнова и зголемување на велосипедската инфраструктура. Изградивме нов сквер во Тафталиџе и Нерези, а за поголема хигиена општината воведе и ново работно време за хигиеничарите за викендите, кога и најмногу се собира смет, рече Богоев.

 

Тој го најави новиот парк што ќе се гради наспроти Карпош 4, за чии зелени содржини ќе бидат консултирани и експерти од Шумарски факултет. За зачувување на зеленилото во Карпош ќе бидат ангажирани дополнителни двајца комунални инспектори со поголеми овластувања.

 

Во креирањето на ЛЕАП- 2  учествуваа и граѓански здруженија, Коалицијата О2 и НВО секторот со конструктивни предлози. Изработувач на ЛЕАП-2 за општина Карпош се Градежниот институт „Македонија“ АД Скопје- ГИМ, МАНЕКО СОЛУШНС ДООЕЛ Скопје и Институтот за истражувања во животна средина, енергетика и градежништво-ИЕГЕ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.