Кисела Вода субвенционира материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, поправка на лифтови, пелети и печки на пелети

Четири јавни повици за субвенции објави денеска Општина Кисела Вода кои на жителите од овој дел на градот ќе им обезбедат финансиска подршка за набавка на печки за пелети, за пелети како енергенс, за кофинансирање при набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, како и за поправка и санација  на постоечки лифтови  во станбени згради на подрачјето на општината.

Согласно Програмата за локален економски развој на Општина Кисела Вода за 2023 година, вкупниот износ за  четирите различни субвенции што ги обезбеди локалната самоуправа изнасува 3.600.000,00 денари. Од нив 2 милиона се предвидени за кофинансирање при набавка на материјали за реконструкција на фасади, 600.000,00 денари за поправка на лифтови, додека по 500.000,00 денари се наменети за пелети и за печки на пелети. Распределбата на средствата за сите повици ќе се врши  по принципот на прв дојден, прв услужен.

За субвенцијата за набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на  територија на Општина Кисела Вода, можат  да аплицираат заeдниците на сопственици или Управители на станбени згради за колективното домување чии станбени згради се изградени пред 2010 година. За ова ќе треба да се достaви доказ, заедно со нотарски заверена изјава дека набавените материјали наведени во испратницата и предмерот на количини во целост ќе бидат наменети и вградени во соодветната станбена зграда за која се однесува Барањето во рок од 1 година од датумот на Решението за субвенционирање и финансиска поддршка донесено од страна на Градоначалникот на Општина Кисела Вода и дека ќе биде потпишан Договор.

Јавниот повик ќе трае 60 дена од датумот на објавување, а локалната самоуправа финансиски учествува со парични средства во висина од 60% од вредноста.

Сите критериуми и услови за учество се достапни на следниот линк објавен на веб страницата на Општина Кисела Вода

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/fasadi1.PDF

Во поглед на финансиска поддршка за поправка и санација  на постоечки лифтови  во станбени згради, Општина Кисела Вода ќе учествува со средства во износ од 30% од вредноста, но не повеќe од 200.000,00 денари. Право на учество имаат сите влезови поеднинечно кои имаат регистрирано  заедница на сопственици на станови или имаат избрано управител на станбените згради и кои во потребната документација ќе достават и Одлука за поправка и санација на постоечкиот лифт/ови потпишана од мнозинството сопственици на посебни делови на станбената зграда, понуда од економски оператор со детален опис по позиции, како и одлука или изјава со која се потврдува дека ќе се обезбедат 70% од потребните средства за поправка и санација на лифт/ови на нивната станбена зграда. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена, а најдоцна до 31.10.2023 година, а сите критериуми и услови се достапни на

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/liftovi1.PDF

И оваа година, Кисела Вода ќе субвенционира набавка на печки за пелети, во износ од 50% од вредноста, но не повеќe од 20.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. За аплицирање ќе биде потребна изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект кој не е поврзан на градско парно и за кои нема искористени субвенции за набавка на печка на пелети или инвертор од било кој извор во државата, како и доказ дека е извршено купувањето на печка на пелети, од 01.01.2023 година до завршување на јавниот оглас согласно Правилникот, со приложување на фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оргинална форма.

Како новитет, оваа година Општина Кисела Вода субвенционира и набавка на пелети како енергенс, во износ од 50% од вредноста, но не повеќe од 10.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. За добивање на ваква субвенција е потребна изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект кој не е поврзан на градско парно и за кој нема искористени субвенции за набавка на пелети од Општина Кисела Вода по основ на овој повик и поседува печка на пелети за истиот објект, како и доказ дека е извршено купувањето на пелетите, од 01.01.2023 година до завршување на јавниот повик, со приложување на фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оргинална форма.

За двата повика, за субвенција на печки на пелети и за пелети, критериумите за учество се наведени на следните два линка достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода:

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/pecki1.PDF

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/peleti1.PDF

Барањето со потребната документација се доставува во Архивата на Општина Кисела Вода.

Подетални информации за субвенциите за материјали за фасади и за набавка на пелети, заинтересираните можат да добијат на следната мејл адреса : Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., додека за субвенциите за печки за пелети и за поправка на лифтовите  на следната мејл адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.