Ѓорѓиевски: Темелна реконструкција на повеќенаменското и на кошаркарското игралиште во ООУ „Партенија Зографски”

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го посети ООУ „Партенија Зографски”. Во овој училишен објект денес започна реконструкција на повеќенаменското и кошаркарското игралиште со што учениците ќе добијат подобри и посовремени услови за спортување и рекреација. Летниот период се искористи и за реновирање на три училници кои претходно беа во катастрофална состојба, а се изработува и проект за огромен паркинг простор кој ќе ги задоволи потребите на жителите од овој дел на општината, известува општина Кисела Вода.

– Проектот што го започнуваме денес има особено значење, бидејќи се фокусира на развојот на физичките и спортските можности на нашите ученици. Спортот не само што нуди забава и рекреација, туку исто така го подобрува физичкото и психичкото здравје. Инвестирањето во обновата на спортската инфраструктура во училиштата претставува инвестиција во здрави и активни генерации кои се темелот на нашата иднина. Имено, во наредниот месец, тука, во дворот на ООУ Партенија Зографски ќе се одвиваат градежни активности за целосна реконструкција на кошаркарското игралиште. Дотраената подлога ќе биде целосно заменета со нова асфалтна, а ќе се обнови и оградата околу игралиштето, рече градоначалникот.

– Паралелно, ќе се работи на обнова на повеќенаменското игралиште кое ќе добие нова висококвалитетна вештачка трева на површина од 935 м2, замена на оштетените заштитни мрежи зад головите, а оштетените клупи на трибините ќе бидат обновени. Посебно сум задоволен што овој проект се изведува преку соработка со приватна компанија која на овој начин ја покажува својата општествена одговорност. Чекор за кој како градоначалник сум многу благодарен и кој се надевам ќе го следат и други бизнис ентитети. Инаку, во насока на унапредување на можностите на младите луѓе од општина Кисела Вода во сферата на спортот, ќе назначам дека ова не е единствениот проект од ваков карактер. Покрај досега изградениот нов спортско-рекреативен цeнтар на местото од депонијата кај Оксиген, Општина Кисела Вода активно работи на изградбата на модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште “Славија”, на ваков центар работиме и во Теферич, а со слични инвестиции и проекти кои што ќе го зголемат значењето на спортот во нашата заедница продолжуваме и понатаму. Нашиот ангажман е долгорочен и насочен кон напредок, а посебно е фокусиран кон унапредување на условите во училиштата, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека во ООУ „Партенија Зографски”, каде настава следат 525 ученици, се реновирани три училници кои претходно биле во катастрофална состојба, а се изработува и проект за огромен паркинг простор кој ке ги задоволи потребите на жителите од овој дел на општината.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.