Ѓорѓиевски: Последната населба во Кисела Вода без подземна инфраструктура добива фекална канализација и водовод

Почна реализацијата на капиталниот проект за изградба на подземна инфраструктура во населбата Стаклара (Каменик). Ова е последното населено место во општина Кисела Вода, каде што во 21 век сѐ уште се користат септички јами. И покрај тоа што тука живеат речиси 500 семејства и се лоцирани над 60 бизнис-ентитети, овој проект, поради сложеноста на зафатот и превисоката цена за негова реализација, не бил воопшто планиран од страна на ниедно претходно раководство на Општината, велат од Кисела Вода.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој денес присуствуваше на почетокот на градежните активности за изградба на фекална мрежа, го информира населението за планираниот тек на зафатот. Тој опфаќа најпрвин изградба на фекална канализација во должина од 4,5 км, потоа и водоводна мрежа или подземна мрежа во вкупна должина од 9,2 км по што ќе се изврши и асфалтирање на целиот потег.

„Денешниот настан е значаен од два аспекта. Првиот е што со овој градежен зафат го затвораме поглавјето во општина Кисела Вода одбележано со недостиг од фекална канализација во 21 век. Во општина Кисела Вода повеќе ќе нема цели населби со септички јами за што сите ќе се согласиме дека е голем срам што тоа не било приоритет на кое било претходно раководство.

Вториот аспект е што жителите на Стаклара, како и огромен број бизнис-ентитети, чија дејност се одвива токму тука, ќе добијат нешто што го бараа 50 години и секогаш добиваа одговор дека е невозможно. Се работи за 500 семејства и над 60 економски оператори, ­што значи дека овој капитален проект ќе има долгорочен позитивен ефект врз економскиот развој на општината. Трасата е долга 4,5 км. 3,5 км од нив се во Каменик 1 и Каменик 2 и уште 1 км од првиот влез во Пинтија до Усјанскиот Канал. Денес, почнуваме со изградба на фекалната мрежа, а напролет и со водоводната. Поголемиот дел од средствата е веќе обезбеден. Исто така, сакам да назначам дека по изградбата на фекалната и водоводната мрежа во Стаклара, целата траса ќе биде и асфалтирана, со што проектот ќе биде заокружен во целост“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.