Со наградената претстава „Мојот маж“ Драмски театар ја отвора новата сезона

Новата сезона во Драмски започнува утре со претставата „Мојот маж“. Ансамблот на Драмски неодамна учествуваше на меѓународниот театарскиот фестивал Пургаторије 2024 во Тиват, Црна Гора каде за претставата „Мојот маж“ ја доби награда за „Актерска бравура”.

 

Во образложението на жирито е истакнато: „Неспорна работа е дека актерската уметност има свој автентичен простор во однос на режисерско-драматуршкиот концепт, но дека актерската подела во една претстава функционира како еден организам, еден комплексен ум, една добро организирана машинерија, која умее во целина темелно да ја разбере и преболи современата сурова стварност, меѓучовечката бездна што се отвора меѓу најблиските, е врвно мајсторство што се гледа сѐ помалку и помалку во театарот денес. Актерите во оваа претстава се сами по себе доволна критична маса за одличен театар, свесно поврзани со сопствената психолошка слоевитост, наелектризирани од личните неволји, подготвени да се поништат и повторно да се преродат одвнатре, откривајќи му ја на гледачот старо-новата терапевтска вистина за човечката совест“.

 

Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.

 

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.

 

По премиерата во 2020 година претставата “Мојот маж” е веќе пет сезони на редовниот репертоар на матичната сцена.

 

На фестивалот Војдан Чернодрински во 2021 година претставата доби 4 награди и тоа: „Награда за костимографија“ на Роза Трајчевска–Ристоска за костимите во претставата, „Награда за современа сценска драматизација“ на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска и авторските монолози, „Награда за главна женска улога“ на Наталија Теодосиева за улогите во претставата „Мојот маж“ и „Награда за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите“.

 

Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием од публиката. Се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ во Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.