
Манифестацијата „Денови на Македонската култура во Белград – Допир на Македонија“ свечено отворена со изложба на уметникот Тодор Јовановски
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 08 Мај 2025

Во просториите на Завичајниот музеј „Жарково“ – Музеј на град Белград синоќа беше свечено отворена изложбата на слики од реномираниот македонски уметник Тодор Јовановски, со што официјално почна годинешната традиционална манифестација „Денови на македонската култура во Белград“, со наслов „Допир на Македонија“. Манифестацијата се одржува 14-ти пат во организација на Здружението „Македониум“, а под покровителство на Националниот совет на македонското национално малцинство и Министерството за култура на Република Србија.
Изложбата на Јовановски, кој со своето уметничко творештво пренесува длабоки културни и емотивни релации со Македонија, оваа година доби и хуманитарен карактер. Уметникот ја донираше својата слика „Виолинистка“ (масло на платно, 70 x 50 см, 2016), со цел приходот од продажбата да биде наменет за помош на семејствата на пациенти од Кочани кои се лекуваат во Белград. Аукцијата е отворена до 29 мај, а на затворањето на изложбата на 30 мај ќе виде врачена на купувачот.
Манифестацијата ја отвори претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, додека за творештвото на Јовановски говореше историчарот на уметноста, Здравко Вучетиќ.
Програмата на манифестацијата продолжува со следните настани:
9 мај, Академија 28 – Јубилеен концерт по повод 10 години од основањето на ансамблот „Македониум“, со учество на гости од Културно уметничкото друштво „Колан“, пејачките групи „Срма“ и „Луњина“, како и хорот на ОУ „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка. И овој настан е од хуманитарен карактер, а доброволниот билет чини 300 динари и ќе се користи за поддршка на повредените од Кочани.
15 мај, Театар 78 – Изведба на претставата „Земјата на штрковите“ од театарот „Провокација“ од Скопје, со почеток во 19:30 часот. Претставата потоа ќе биде играна и во Јабука 16 мај, и Вршац 17 мај.
22 мај, Градска библиотека Белград – Свечена академија по повод празникот на светите браќа Св. Кирил и Методиј, со гостување на Симона Груевска Маџоска од Институтот за македонски јазик од Скопје.
28 мај, куќа на Ѓуро Јакшиќ – Поетска вечер и портрет на поетесата Емилија Тодорова од Австралија.
2 и 3 јуни, кино сала на Етнографскиот музеј – Филмска ревија на македонскиот режисер Љубиша Георгиевски, со избрани дела од неговиот опус, во соработка со македонската кинотека.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
