Аудиенција на претседателката Силјановска-Давкова кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамките на посетата на Светата столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“, денеска, во Апостолската палата имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, неговата светост, папата Франциско.

Претседателката Силјановска-Давкова се заблагодари за упатените честитки од папата Франциско по повод нејзиниот избор за претседател и истакна дека ѝ претставува особена чест во годината кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави, да ја предводи државно-црковната делегација на овој значаен настан.

 

 

 

Таа истакна дека историската посета на папата Франциско на нашата земја остави силна трага во билатералните односи и го потврди високиот степен на доверба и пријателство меѓу двете држави.

Претседателката изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат нашата држава уште поинтензивно ќе се залага за продлабочување на севкупните односи со Светата столица, со цел јакнење на партнерството и негување на меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции.

 

 

Претседателката Силјановска-Давкова и папата Франциско ги разгледаа можностите за унапредување на институционалната соработка во областа на образованието, науката и културата и разменија мислење за тековните предизвици со кои се соочува католичката заедница во нашата држава.

Посочувајќи дека во нашата земја постојат традиција на почит кон различностите и висока свест за позитивната улога на религијата во развојот на општеството, претседателката ги потенцира значењето и придонесот на католичката црква и ја изрази нејзината подготвеност за продолжување на соработката со католичката заедница.

 

 

На средбата беа традиционално разменети подароци, при што претседателката Силјановска-Давкова на папата Франциско му подари голема резбa со мотив од птицата феникс, што претставува симбол на вечноста.

По аудиенцијата кај папата Франциско во изјава за медиумите претседателката Силјановска-Давкова истакна дека на долгата средба со папата најпрвин се усогласиле за актуелните проблеми, за поддршката на Ватикан на патот кон Европската Унија, поддршката на Ватикан на Западен Балкан. Претседателката во изјавата посочи дека изразила разбирање за склучување на конкордат со Ватикан затоа што системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата поврзани особено за статусот на католичката црква и христијаните од католичката религија кај нас и рече дека изразила желба да се отвори нунцијат кај нас бидејќи така ќе може навистина да биде директна соработката. Претседателката Силјановска-Давкова, посочувајќи ја соработката во многу области во сферата на високото образование, библиотекарството, конзервирањето итн., рече дека изразила спремност да продолжи таа соработка.

 

 

Претседателката Силјановска-Давкова денеска оствари средба и со државниот секретар на Светата столица, монсињор Пјетро Паролин, на која беше изразена цврста подготвеност за продолжување на конструктивната соработка во духот на меѓусебното разбирање и заедничките вредности.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.