Нема повеќе каубојски вработувања на Токсикологија, осумнаесеттемина со истечени договори си одат, Чибишев за нови ќе објави конкурс

На Токсикологија повеќе нема да работат осумнаесетте лица со истечени договори. Новиот директор на Клиниката, Андон Чибишев, најави дека ќе се распише конкурс и, како што рече, каубојски вработувања веќе нема да има.

Чибишев оцени дека во изминатиот период Клиниката била доведена во ситуација на организациски и кадровски колапс, а тоа во моментот уште повеќе ја отежнува состојбата бидејќи е период на годишни одмори.

„Најголем проблем ни е кадровската екипираност за да одговориме на предизвиците. Во изминатиот период тука имавме вработено 18 лица, кои работеа неколку месеци со истечени договори. Тоа внесуваше немир и конфликти меѓу вработените. Се даваа информации дека имаат договори за вработување благодарение на добиена согласност од Министерство за финансии, но таква согласност не постои“, рече Чибишев.

Образложи дека има документ од април 2024, во кој пишува дека Министерството за финансии се прогласува за ненадлежно за одлучување за согласност за вработување бидејќи се бара за време на избори. Истовремено, и антикорупциската комисија ги има оспорено таквите договори, а оспорени се и од Државниот санитарен инспекторат по две основи. Едниот е дека барањето за вработување е за време на избори, што е спротивно на одредбите од Изборниот законик, а второто е затоа што не се потпишани од двајцата директори.

Рече дека осумаесеттемина што работеле на Клиниката биле манипулурани со лажни ветувања дека ќе бидат вработени, незаконски престојуавле во институцијата со невалидни договори, а што е уште потрагично – добивале и плата.

„Исплатена е една и пол плата, со што буџетот на Клиниката е оштетен за речиси 650.000 денари. Тоа е значајна сума за нашата институција, секој денар е важен. Целиот случај го документирав и ќе биде процесиран до надлежните државни институции“, рече Чибишев.

Новиот директор е задоволен од комуникацијата со министерот за здравство, Арбен Таравари, со кој работат на решавање на проблемот со недостиг на кадар. Рече дека направиле процена колку кадри им се неопходни за да може да го преживеат летото.

Недостиг на кадри има на сите нивоа – доктори, сестри, болничари, хигиеничари, лаборанти.

„Ќе ни требаат 15 луѓе од сите профили. Не се примаат доктори. Добар дел од оние што дојдоа и беа надежни ја напуштија Клиниката. Сведени сме на 15 доктори, процентот на старост е над 50 години. Ни требаат млади, нови  кадри, кои можеме да ги обучиме. Некој треба да продолжи да работи и да ја држи институцијата на ниво“, рече Чибишев.

„Уште денес ќе поднесеме барање тоа да се процесира и да добиеме согласност. Ќе распишеме конкурс, каубојски вработувања веќе нема да има. Ќе се вработуваат сите според законите на оваа држава. Ние ќе процениме кои се најпогодни да функционираат во оваа институција. И биологот исто беше надвор од законот со никаков договор, ја повикавме колешката и направивме договор затоа што, според Законот за здравствената заштита, имам право, без согласност од Финансии, да правам договори за 1 отсто од вкупниот број вработени. И во тој 1 отсто проценивме дека приоритет е да се прими биологот и од денес функционира на Клиниката во рамките на законот“, рече директорот.

Тој рече дека не сака да се занимава со минатото и да му помине мандатот на тој начин. Најави дека во наредниот месец ќе има поголема контрола од Финансиската полиција, а размислува да ја повика и Државната ревизија.

„Не сакам да останат дамки што ќе ги влечеме. Ќе ги информираме институциите, ако има нешто, ќе си постапуваат“, рече Чибишев.

Новото раководство, како што додаде, нема да се занимава со реваншизам и прогон на неистомисленици, туку приоритет ќе биде подобрувањето на условите за работа и на пациентите и на персоналот, како и набавката на нова и софистицирана медицинска опрема.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.