Тошковски на средба со директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција: Ги разгледуваме можностите за соработка со турските компании

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска оствари работна средба со директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун. На средбата присуствуваа и високи претставници на компании од одбранбената индустрија на Турција.

 

На средбата турската делегација ги претстави капацитетите и можностите што ги нуди турската одбранбена индустрија како лидер во регионот во насока на опремување и зголемување на капацитетите на Министерството во борбата против тероризмот, транснационалниот организиран криминал и нелегалната миграција.

 

„Турција е еден од нашите најблиски партнери, заедно сме во НАТО, а нашиот заемен пријателски и партнерски однос е верифициран со силна економска, трговска, безбедносна и културна соработка, на која двете држави остануваат посветени. Ги разгледуваме можностите за соработка со турските компании производители во одбранбената и безбедносната индустрија за унапредување на капацитетите на нашата полиција. Градиме модерна и опремена европска полиција, која ќе овозможи безбедност за секој граѓанин, бидејќи функционалноста на безбедносниот систем е предуслов за функционирање и напредок на правната држава и благосостојбата на нејзините граѓани“, потенцира министерот Тошковски.

 

Министерот Тошковски ги претстави приоритетите на МВР во делот на дигитализацијата, континуирани обуки на вработените и јакнење на капацитетите за интегриран систем за гранично управување. Во таа насока директорот Ѓорѓун ги презентира можностите и решенијата што ги имаат развиено и имплементирано со примена на најнови технологии како вештачката интелигенција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.