Николоски: Корумпирани бугарски политичари од мене бараат оставка
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 19 Септември 2024
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, реагира на, како што вели, последната хистерија што ја создаваат некои од неуспешните бугарски политичари.
„Непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалку мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија. Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари, кои, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал што ги има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија. Нивното занимавање со Македонија, всушност, покажува дека ниту сакаат добрососедство ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, уште помалку да напредува кон Европската Унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат како своја предизборна тема“, вели Николоски.
Вели дека нема да го дозволи тоа и нема да дозволи кој било да бара изговори во негови изјави или било што друго што се случува во Македонија.
„Всушност, самото тоа што се бидат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик. Но, јас останувам позади се што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува. Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Сиљановска-Давкова како претседател на Македонија. Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивен долгогодишен сон. Ние сме јасни кои сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој македонски јазик поинаков од сите други јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба никому да му се докажуваме. А оние што сакаат поинаку да ја читаат историјата, се политичари од деветнаесеттиот, а не политичари од дваесет и првиот век“, посочи Николоски и додаде:
„И би сакал нешто да им кажам и на оние политичари што бараат оставка од мене. Од мене бараат оставка политичари што се обвинети за криминал и корупција, политичари што ги видовме на фотогарфии како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизии. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е што добрите односи помеѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари, кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза.
И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот претседател.
И затоа е ваква мојата реакција и затоа ќе продолжиме и јас и ВМРО-ДПМНЕ да ги браниме македонските национални интереси. Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на Европската Унија, да го изоди патот кон Европската Унија, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси. Ние ништо туѓо не бараме, ама сакаме да си го заштитиме нашето“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс