(Видео) Митева: Постигнат е договор со банките и условите за користење на кредитната линија се утврдени
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 28 Ноември 2024
Постигнат е договор со банките и средствата од унгарскиот кредит ќе го придвижат стопанството, информира на денешната прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Појасни дека на седница на Влада се донел заклучок во врска со предлогот на Министерството за финансии за условите за кредитна линија од унгарскиот кредит, а во однос на користење на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва.
„Врз основа на истото Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија под следните услови:
– минимален износ по корисник до 10 милиони евра;
– рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години со вклучен грејс период до 3 години и квартална отплата по завршување на грејс периодот;
– фиксна каматна стапка од 1,95% без надомест за одобрување и управување;
– сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата.
Дополнително, средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва ќе бидат наменети за финансирање на дејност производство и истите ќе можат да се користат за следните намени:
– инвестиции во опрема, како што се машини и останата опрема;
– недвижности (погони, фабрики , деловни објекти за сопствена употреба);
– транспортни средства поврзани со производствениот процес;
– обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и
– нематеријални средства како што се инвестиции во развојот и софтвери“, соопшти Митева.
Исплатата, како што најави, ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата.
Според Митева, имајќи предвид дека бруто-домашниот производ е проектиран на 16 милијарди, станува збор за 5 проценти од бруто домашниот производ, средства коишто како што нагласи се очекува да бидат инвестирани оваа и следната година.
Тоа според неа е алатка со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза и со која ќе ја придвижиме економијата во целост.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс