Делегација на Собранието учествува на Трансатлантскиот форум во Вашингтон

Во рамките на редовните годишни активности на ПС на НАТО, на годишниот 24. Трансатлантски парламентарен форум, што во заедничка организација на ПС на НАТО, Националниот одбранбен универзитет на САД и Атлантскиот совет, се одржа на 9 и 10 декември 2024 г. во Вашингтон, САД, учествуваше делегација на Собранието во ПС НАТО, во состав: Драган Ковачки, шеф на делегацијата, Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на делегацијата.

 

На Форумот присуствуваа голем број парламентарци од земјите членки на НАТО и се обратија конгресмени, највисоките претставници на Атлантскиот совет, етаблирани меѓународни аналитичари за безбедносни и одбранбени политики и еминентни професори од американски и европски универзитети и меѓународни фондации, кои работат на безбедносни прашања.

 

Форумот го отворија претседателот на Националниот одбранбен универзитет, вицеадмиралот Питер Гарвин, и претседателот на Атлантскиот совет, Фредерик Кемпе. Во дискусиите по нивните излагања, парламентарците ја акцентираа потребата од зачувувањето на силната и единствена врска меѓу сојузниците, која ќе резултира во градење мирна безбедносна архитектура во светски рамки.

 

Посебен панел беше посветен во сеќавање на поранешниот потпретседател на ПС на НАТО и шеф на латвиската делегација, Ојарс Калнинс, на кој предавање имаше Андерс Аслунд од Фондацијата „Евроазија“. Во размената на мислења беше нагласено дека градењето демократска отпорност е споделена вредност за трансатлантската заедница.

 

Темите на дебатата на Форумот опфатија клучни глобални предизвици, како состојбата во Украина и руското влијание врз евро-атлантската безбедност, конфликти и геополитики промени на Блискиот Исток, американско-кинеската конкуренција и нејзините последици за Индо-Пацификот, како и растот на автократијата како глобална закана.

 

Во дискусиите беше истакнато дека кревката безбедносна состојба, предизвикана од војните во Украина и во Газа, сè повеќе ја наметнува потребата од силно НАТО, зајакнато вложување во одбраната и одбранбените капацитети, исполнување на договорениот процент за одвојување за одбраната и вложување во инвентивни технологии. Само со кохезивни акции може подготвено да се одговори на предизвиците од Кина и Русија, а истовремено да се води кооперативна и партнерска политика со Индо-Пацификот, Нов Зеланд и Австралија како региони од посебен интерес за НАТО.

 

Конгресниот панел го водеа конгресмените Нил Дан, Рик Ларсен, Мајк Тарнер и Доналд Норкрос, сите од Републиканската партија. Дискусиите и споделените размислувања и искуства ги допреа темите поврзани со актуелната состојба во САД по изборите, ребрендирањето на американската надворешна политика, визиите за сегашните и идните предизвици на НАТО и политиката на отворени врати. Се разговараше и за безбедносните стратегии во однос на трилатералното безбедносно партнерство меѓу САД, ОК и Австралија – АУКУС, Арктичкиот круг, финансиската поддршка на Украина, случувањата на Блискиот Исток и вложувањата во националните воени и одбранбени капацитети.

 

Трансатлантскиот парламентарен форум, кој претставува традиционална речиси дводецениска размена на видувања и отворена дебата според Chatham House Rules, ги отсликува синергијата и координацијата меѓу владината и парламентарната димензија на НАТО. Форумот им овозможува на парламентарните претставници на НАТО, сојузничките земји, изворно да се информираат за глобалната светска политика и безбедносните предизвици и за тоа како НАТО гради и имплементира консензуални и балансирани одбранбени политики.

 

Парламентарното собрание на НАТО (ПС на НАТО) е мултилатерална организација, која воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО-нациите, обезбедува поширока транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на алијансата.

 

ПС на НАТО брои 281 делегат од 32 земји членки на НАТО, делегати од 11 асоцијативни земји членки, од Европскиот парламент, од 4 регионални партнери и од медитеранските асоцијативни земји членки, како и парламентарни набљудувачи од 7 други земји и 2 парламентарни собранија (ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ) и делегација од ЕП, кои исто така земаат учество во активностите на Собранието. Собранието претставува критички форум за меѓународен дијалог на парламентарците од Европа и од Северна Америка за стратешки и безбедносни теми од заеднички интерес на НАТО-сојузниците.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.