Велковски: Македонската држава три децении пример за хуманост и солидарност кон бегалците и мигрантите

30 години од воспоставувањето на партнерството помеѓу Република Македонија и Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) денеска беше одбележан во министерството за надворешни работи и трговија.

Потсетувајќи се на историјата и предизвиците со кои се соочуваше државата, присутните ги истакнаа заедничките постигнувања во областа на заштитата на бегалците и промоцијата на човековите права.

Македонската држава беше пример за солидарност во светски рамки соочувајќи се со неколку бегалски и мигрантски кризи.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во своето обраќање изрази благодарност за долгогодишната соработка со УНХЦР. „Овие три децении ја покажаа нашата решителност да стоиме зад најранливите категории, да ги заштитиме нивните права и да им дадеме шанса за нов почеток,“ истакна тој, осврнувајќи се на историските моменти кога македонската држава беше рамо до рамо со бегалците.

Велковски потсети и на клучни настани, како што е отворањето на границите за над 30.000 бегалци од Босна и Херцеговина во 1994 година, и поддршката на речиси 360.000 косовски бегалци за време на кризата во 1999 година.

Преку соработката со УНХЦР, Македонија не само што обезбедуваше привремено засолниште, туку создаде и систем за локална интеграција. Во 2009 година, над 2.000 бегалци добија правен статус и пристап до сите права, станувајќи дел од општеството.

„Најголемиот предизвик дојде со мигрантската криза во 2015 година, кога земјата обезбеди хуманитарна поддршка за повеќе од милион транзитни бегалци. Ова партнерство, како што беше истакнато, се темели на доверба, солидарност и заеднички вредности.

Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, ја истакна улогата на Македонија како модел за успешна интеграција и управување со бегалските кризи. „Ова не е само приказна за минатото, туку и залог за иднината. Македонија покажува како малите земји можат да направат големи промени,“ рече тој.

Со јубилејот, македонската држава ја потврди својата улога како клучен партнер во глобалните напори за заштита на човековите права, демонстрирајќи дека солидарноста и хуманоста се универзални вредности кои ја дефинираат иднината на една нација.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.