Костова: Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достoинството на работниците, нудат апстрактна гордост на празен стомак

Минималната синдикална кошничка изнесува 62.861 денари. Со тотално промашената мерка што се вика новогодишна кошничка, Владата им направи услуга само на трговците. Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достоинството на секој работник. Затоа што приказните за апстрактна гордост најлесно легнуваат на празен стомак и уморна снага, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова во објава на Фејсбук.

 

Костова укажува на алармантната состојба со растот на трошоците за живот потенцирајќи дека цените на основните прехранбени продукти значително се зголемија.

 

„За само месец дена, цената на зејтинот рипна на 97 денари, или за 14 денари повеќе од претходно. За исто толку е покачена и цената на јајцата, кои сега чинат над 100 денари. Покачени се цените на јогуртот, кашкавалот, па дури и лебот,“ рече Костова.

 

Потпретседателката на СДСМ наведува дека ситуацијата е особено тешка за семејствата со минимални приходи. „На четиричлено семејство во кое двајца возрасни земаат минимална плата, им недостасуваат над 17.700 денари, односно над 290 евра, за да можат да си ги покријат најосновните трошоци,“ објасни таа.

 

Костова остро ги критикува функционерите од владејачката партија за нивниот однос кон проблемите на граѓаните. „Додека народот се мачи да преживее, функционерите од владејачката партија не убедуваат дека покачувањето на минималната плата било лоша работа. Тоа го прават додека си гласаат за порамнување на нивните плати, за да не им ги изеде инфлацијата; или додека министерката за финансии вели дека ако не ѝ се покачела платата, немало повеќе да работи во Министерството,“ истакнува таа.

 

„Кој од нив некогаш работел во недела, во студен конфекциски погон, или на поле, преку време, ама неплатено? Кој од нив се оптоварувал со седење до доцна во ноќта за да ги пушти машината за садови и пералната додека е евтина струја?“ праша Костова, потенцирајќи го големиот јаз меѓу функционерите и обичните граѓани.

 

Костова истакна дека трошоците за минимум пристоен живот вртоглаво растат, а Владата не презема никакви мерки за заштита на граѓаните. „ДДВ на храна ниту се укинува, ниту се намалува. Наместо тоа, се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање и укинување на недела како неработен ден,“ предупреди таа.

 

„Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достоинството на секој работник. Впрочем, како што ДПМНЕ отсекогаш правеле. Затоа што приказните за апстрактна гордост најлесно легнуваат на празен стомак и уморна снага,“ заклучи потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.