Кривична за Перпарим Бајрами и директорот на „Ритрон копи“ поради нови злоупотерби поврзани со „Државна лотарија“
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 26 Декември 2024
Управата за финансиска полиција поднесе нова кривична пријава против екс директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами поради сомнителни тендери за набавка на телевизори и компјутерска опрема за Државната лотарија. Кривична е поднесена и за Артан Ајрули, сопственикот на фирмата „Ритрон копи“ од Куманово која ги добила тендерите, и уште други двајца директори во лотарија.
Тие се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за злоупотреба на постапката за јавни набавки.
Од Финансиската полиција велат дека првопријавениот Перпарим Бајрами во својство на директор на Државна лотарија ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што во период од 2022 до 2024 година ги пречекорил границите на своите службени овластувања и со свој потпис одобрил исплата на фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема, кои фактури биле изготвени од второпријавениот А. А. во својство на сопственик и управител на петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово, иако истите биле свесни дека наведените телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема во фактурите не биле испорачани согласно предвидените модели во склучените договори за јавни набавки со АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија и на тој начин му овозможиле на второпријавениот А. А. и петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вредност од 3.102.015,00 денари, што претставува штета на Буџетот на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија.
Второпријавениот А. А. во својство на сопственик и управител на петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово заедно со првопријавениот П. Б, во период од 2022 до 2024 година, ги повредиле прописите на постапката за доделување на договор за јавна набавка на начин што користејќи ги блиските пријателски односи однапред ги прилагодиле техничките спецификации за набавка на телевизори со цел да се осигураат дека за најповолен понудувач ќе биде избран петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово и се договориле какви типови, модели и количина на телевизори ќе се нарачуваат по основ на јавните набавки објавени од страна на Државна лотарија пред воопшто да бидат објавени постапките за јавни набавки. Второпријавениот А. А. тие информации ги искористил за однапред да изврши увоз на типови и модели на употребувани телевизори по договорените количини, со што бил доведен во поповолна положба во однос на сите други понудувачи во спроведените постапки за јавни набавки и тоа со број на оглас 15018/2022, 05226/2023 и 13530/2023 на телевизори за инсталација на електронски игри, со што првопријавениот П.Б му овозможил на второпријавениот А. А и петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово да се стекнат со противправна имотна корист по три склучени договори за јавни набавки на телевизори во вкупна вредност од 12.980.000,00 денари.
Третопријавениот С. Р, во својство на Директор на сектор за продажба и комерцијални работи во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, во периодот 2023 – 2024 година, потврдил дека примил 107 телевизори од различни модели за организирање на електронски игри на среќа во вкупна вредност од 5.008.562,50 денари, од петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово, за што потпишал испратници и записници за прием на телевизори кои што воопшто не се евидентирани во магацинот и кои што по извршениот вонреден попис не постојат и не може физички да се пронајдат во деловните простории на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РСМ, ниту пак во деловните простории на деловните соработници.
Четвртопријавениот М.З , во својство на Директор на сектор за информатички технологии во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, во периодот 2023 – 2024 година, потврдил дека примил принтери, компјутерска и комуникациска опрема во вкупна вредност од 1.763.720,50 денари, од петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово, за што потпишал испратиници и записници за прием на истите, кои што по извршениот вонреден попис воопшто не се евидентирани во магацинот, ниту пак во деловните простории на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РСМ.
Со вака преземените дејствија, третопријавениот С. Р , во својство на Директор на сектор за продажба и комерцијални работи во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија и четвртопријавениот М. З, во својство на Директор на сектор за информатички технологии во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија го оштетиле на Буџетот на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија во вкупна вредност од 6.772.283,00 денари.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс