Филипче: Ги осудувам иредентистичките изјави на Костадинов, очекувам реакција од официјална Софија и ЕУ

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, ги осуди иредентистичките изјави на претседателот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов и побара реакција од Софија и осуда од страна на Европската унија.

 

-Најостро ги осудувам иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Република Северна Македонија и негира посебниот македонски етнички идентитет. Негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет и историја претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската унија, наведува Филипче.

 

Повикувам и очекувам официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство. Ја повикувам Европската унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности, и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ, потенцира претседателот Филипче.

 

Претседателот на СДСМ очекува македонската влада итно да соопшти конкретни мерки за спречување на ваквите иредентистички изјави и активности и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.

 

-Секој обид за негирање на македонската посебност е неприфатлив и директно спротивен на европските вредности за почитување на различностите, потенцира претседателот Филипче.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.