Таравари ги поздрави проширените санкции од САД за Западен Балкан: Нека размислат оние што имаат проблем

Арбен Таравари, министер за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, која е дел од владејачката коалиција „Вреди“, го поздравува потегот на американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, кој го прошири опсегот на санкции за Западен  Балкан. Проширени се категориите на поединци што подлежат на американски санкции поради оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, поткопување на повоените договори и институции и ангажирање во значителна корупција, што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократското владеење и избегнување на санкциите на американската влада.

 

„Имаше практично најава дека имаме поригорозни мерки од претседателот на САД, Бајден, за оние што злоупотребуваат и не почитуваат одредени меѓународни спогодби, особено за Западен Балкан. Ние го поздравуваме и како Влада се придржуваме максимално на сите тие меѓународни договори. Нека размислат оние што имаат проблем“, рече Таравари.

 

Санкциите, меѓу другото, се однесуваат на лица што директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или закана за спроведувањето на регионалната безбедност, мировните договори или договорите за заемно признавање на Западен Балкан.

 

Такви се договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Дејтонскиот договор или заклучоците од Советот за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година.

 

Новата регулатива нагласува дека санкциите се применуваат за секого за кого Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е лидер, службеник или член на ентитет, вклучително и владин ентитет, кој се вклучил или се обидел да се вклучи во која било од активностите дефинирани во регулативата за санкции. На црната листа на САД со измените може да се најдат и сопружници и возрасни деца на лица чии средства и интереси се блокирани во согласност со регулативата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.