СДСМ: Николовски, наместо да презентира нови иницијативи, се претвори во промотор на авиолинии
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Јануари 2025
„Николовски без визија за развој промовира речиси завршени инфраструктурни проекти од СДСМ. По шест месеци на власт, ДПМНЕ, освен промоции на веќе почнати проекти од времето на владата на СДСМ, не понуди и не почна ниту еден нов капитален проект во патната инфраструктура“, велат од СДСМ.
Според нив, ова е јасен показател за недостигот на ДПМНЕ од идеи и визија за развој.
„Министерот Николовски, наместо да презентира нови иницијативи и планови за инвестирање во патната инфраструктура, се претвори во промотор на авиолинии, што е само рутинска обврска со авиокомпаниите, а не капитална инвестиција. Очигледно е дека капацитетот на Николовски и ДПМНЕ е ограничен на промоција на проекти, кои над 90 % беа реализирани за време на владата на СДСМ. Пример за тоа е експресниот пат Куманово – Страцин – Крива Паланка за кој Николовски вели дека е пример за домаќинско работење. Министре Николовски, овој проект 90 % беше завршен за време на владата на СДСМ и вистината е дека токму СДСМ покажа како стратешки се инвестира и работи во интерес на граѓаните“, посочуваат од СДСМ и додаваат:
„Доколку не беа блокадите од пратениците на ДПМНЕ, овој проект ќе беше завршен многу порано, дури и во текот на 2024 година. Инфраструктурата во истокот и североистокот доживеа вистинска експанзија токму за време на СДСМ, а во времето на ДПМНЕ беше заборавена и запоставена. Понатаму, околу 92 % од делницата Градско – Дреново и над 80 % од делницата Дреново – Фариш исто така беа реализирани благодарение на домаќинското работење на владата на СДСМ. Министре Николовски, СДСМ ви остави три завршени крупни инфраструктурни проекти за само да пресечете лента, но и тие, иако со над 90 % реализација, не можете да ги довршите. Граѓаните имаат потреба од реални капитални проекти за безбеден транспорт и економски развој. СДСМ секогаш ќе биде на страната на политиките кои значат еконоски развој и просперитет на државата“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс