
Костовски: Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 24 Февруари 2025

„Денеска пред јавноста ги објавуваме доказите кои потврдуваат дека вицепремиерот Изет Меџити незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани. Документите кои до нас ги доставија свиркачи, а кои ги презентираме денес, покажуваат дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата за административно постапување. Со тоа, Изет Меџити не само што вршел злоупотреба на позицијата, туку се отвора и сериозно сомневање дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните“, вели Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.
„Поради оваа груба злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани. Ова не е прв скандал во кој Меџити е вмешан. Најпрво, јавноста беше сведок на неговите партиски вработувања, а сега гледаме дека истиот човек, спротивно на законот, создал сопствен систем за потпис и одлучување, што отвора сомнежи за корупција и мито. Јавно го прашуваме Христијан Мицкоски: до кога ќе го штити Изет Меџити? Дали Меџити ќе го доживее истото сценарио како Артан Груби, кој по бројните злоупотреби избега од правдата токму со аминување на ВМРО-ДПМНЕ?“, прашува Костовски.
Очекува Мицкоски јавно да им се извини на граѓаните за ваквите постапки на својот најблизок соработник и конечно да го разреши од функцијата.
„СДСМ ја повикува Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство веднаш да отворат истрага и да постапат во согласност со законот. Зад наводниот патриотизам на Мицкоски и ДПМНЕ се крие груба корупција и манипулација со државните институции. Време е да се стави крај на оваа злоупотреба““, вели Костовски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
