Кремљ: Трамп се обидува да ги разбере причините за конфликтот

Кремљ денеска ја пофали администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за обидот да ги разбере основните причини на конфликтот во Украина и да го прекине она што, како што се наведува, е во спротивност со пристапот на Европа.

 

Овие изјави се меѓу најјасните признанија на Кремљ дека има голема промена во американската политика кон војната откога Трамп ја презеде функцијата пред пет недели.

 

Поништувајќи ги тригодишните напори на САД да ја казнат и изолираат Москва под администрацијата на Џо Бајден, Трамп бргу се фокусира на поправка на односите со рускиот претседател Владимир Путин и поддржа делови од наративот на Кремљ за конфликтот.

 

Минатата недела Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски диктатор.

 

Запрашан за изјавите на Трамп за Зеленски и Бајден, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека самата администрација на Трамп објавила дека го менува својот пристап кон Русија.

 

„Тоа е она што го поздравуваме и поддржуваме. Тоа е првата работа. Второ, се надеваме дека Вашингтон целосно ќе ги анализира основните причини за украинскиот конфликт – тоа е всушност она на што се обидовме да ги натераме нашите противници во Европа да обрнат внимание, што тие секогаш одбиваа да го прават, исто како и претходната администрација во Вашингтон“, рече Песков.

 

Русија тврди дека била принудена да ја почне војната за да ги заштити оние што говорат руски јазик во Украина и да обезбеди Украина да не му се приклучи на НАТО. Украина и Западот велат дека ова биле само изговори за грабеж на земјиште во колонијален стил.

 

„Без длабока анализа и разбирање на основните причини за конфликтот во Украина, во суштина е невозможно правилно да се работи на (мировно) решение. И тука ги гледаме обидите на Вашингтон вистински да разбере што го предизвика овој конфликт и се надеваме дека оваа анализа ќе помогне во напорите во контекст на решавање на конфликтот“, рече Песков.

 

Од друга страна, Песков тврди дека во овој момент нема основа Русија да го обнови дијалогот со европските земји, кои денеска воведоа уште еден пакет-санкции кон Москва, вклучително и забрана за увоз на алуминиум. Песков ги опиша санкциите како „целосно предвидливи“.

 

Кремљ нагласи дека сака да најде решение за конфликтот во Украина преку разговори со САД обвинувајќи ја Европа дека сака да ги продолжи непријателствата во услови на зближување меѓу Русија и САД, што доведе до тоа Доналд Трамп да заземе попомирлива позиција кон Москва.

 

„Европејците продолжуваат по патот (…) на нивното убедување за неопходноста од продолжување на војната. Ова убедување на Европејците е во целосна спротивност со желбата да се најде решение за Украина, што во моментот го правиме со Американците“, додаде Песков на третата годишнина од рускиот напад врз соседната земја.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.