
Сиљановска-Давкова се сретна со генералниот секретар на Советот за регионална соработка: потенцирана нужноста од економско и инфраструктурно поврзување
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 26 Февруари 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, оперативен орган на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), чија прва дестинација на турнејата е Скопје.
Укажувајќи на важноста на регионална соработка, претседателката Сиљановска-Давкова ја потенцираше нужноста од економско и инфраструктурно поврзување, користа од заедничкиот регионален пазар и потребата од интегрирање на регионот во единствениот европски пазар.
Таа очекува Планот за раст и реформските агенди да го поттикнат развојот на Западниот Балкан преку промени во конкретни области, поддржани со европски финансиски средства чие добивање се врзува за реализацијата на истите во точно определени рокови.
Соговорниците се согласни дека меѓусебната почит и разбирање се услов за успешна соработка во низа области што ќе доведе до повисоко ниво на задоволување на потребите на граѓаните преку исполнување на Копенхагенските критериуми и промена на наративот и односот на ЕУ кон нас.
Капетановиќ и се заблагодари на претседателката Сиљановска-Давкова за успешното претседавање со минатогодишниот Самит на ПСЈИЕ, напорите за одржување на кредибилитетот на оваа регионална иницијатива и непречно продолжување на процесот. Тој изрази задоволство од конструктивноста на македонските власти и ја образложи намерата на Советот за утврдување на Каталог на заеднички интереси.
Воедно, генералниот секретар информираше за претстојниот Дигитален самит за Западен Балкан, од којшто се очекува да ја поттикне динамиката на регионалната соработка во сферата на дигитализацијата.
На средбата беа споделени видувањата за актуелните политички состојби во ЕУ, проблемот со двојните стандарди на Унијата, чие оправдување се бара во консензуалното одлучување.
Со оглед на драматичните геополитички промени, претседателката смета дека проширувањето повеќе од било треба да биде приоритет на ЕУ, што налага дебилатерализација на процесот и евалуација според реализацијата на Копенхагенските критериуми.
Сиљановска-Давкова и Капетановиќ укажаа на опасноста од билатерализација на евроинтеграцијата од страна на соседите преку злоупотреба на ветото, идентитетски притисоци и обиди за ревизија на историјата.
На средбата беа разменети мислења и предлози за исчекор од патријахалната и поданичка политика и чекор кон партиципативната и демократска политичка култура, за императивот за департизација и деполитизација на државната и јавна администрација, за борбата со корупцијата и криминалот, за нужноста од независно судство, за владеење на правото.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
