Најсовесно и чесно ја извршував функцијата, не чувствувам ниту морална ниту професионална одговорност за да поднесам оставка, вели Чачарова- Илиевска

Тања Чачрова-Илиевска не чувствува одговорност за да поднесе оставка, како што очекува премиерот Христијан Мицкоски по поднесената интерпелација за членови на Судскиот совет, меѓу кои е и таа. Чачарова-Илиевска, која пред две недели рече дека и треба време да ја анализира интерпелацијата за да заземе став, денес одговори на наводите во интерпелација.

 

„Јас тврдам дека најсовесно и чесно ја извршував функцијата член на Судскиот совет и затоа, да ви кажам искрено, не чувствувам ниту морална, ниту професионална одговорност за да поднесам оставка. Интерпелацијата нема индивидуализирано кои дејствија, кои постапки јас како член поединец на Судскиот совет сум ги презела несовесно, незаконито кои би можеле да ми се стават на товар заради таквиот извештај на работа во Судскиот совет и воопшто за работата на целиот Судски совет“, рече Чачарова- Илиевска.

 

Во одговорот на интерпелацијата таа навела дека како што е поднесена, интерпелацијата упатува на интерпелација на Судскиот совет како колективно тело.

 

„Сметам дека тоа е диксриминаторски однос спрема челновите на Судскиот совет кои согласно Устав и закон се еднакви и рамноправни. Прекршено е начелото на еднаквост на челновите на Судскиот совет. Понатаму наведов дека е дискутабилна можноста или правото на Собранието за поднесување интерпелација на член на Судскиот совет имајќи го предвид фактот дека интерпелацијата е механизам на политичка контрола врз носителите на јавни функции“, вели Чачарова- Илиевска.

 

Таа посочи дека во членот 68 од Уставот, каде што се наведени надлежностите на законодавната власт има одредба во која е наведено на кого може да му врши контрола Собранието преку механизмот интерпелација. Таму се наведени носители на јавни функции кои што се одгворни пред Собранието, Владата и секој член на Владата, но не и носителите на јавни функции од судството.

 

„Сметам дека ова е преседан во досегашната парламентарна историја на Република Северна Македонија, кој што може да има далекусежни последици. Прво, затоа што може да доведе до некои чудни, нелогични и неуставни појави во иднина, може да се случи некој да поднесе интерпелација на членови на Уставниот суд, на судиите од Уставниот суд затоа што овде па и Собранието ги избира членовите на Уставниот суд, а и тие се носители на јавни функции. Понатаму на сите судии, на обвинителите што е недозволиво и претставува упад на законодавната власт во судската власт и нормално, кршење на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, а тоа е поделба на власта на законодавна, судска и извршна власт“, вели Чачарова- Илиевска.

 

Таа укажа дека за интерпелацијата веќе има реакции од домашната сручна јавност, но и од надворешни фактори вклучително ЕУ како и Стејт департментот.  Токму затоа Чачарова-Илиевска смета дека треба многу внимателно да се пристапи кон прашањето за интерпелацијата и да се сфати дека таа е механизам за политичка контрола заради утврдување политичка одговорност кај носители на јавни функции кои се одгворни за својата работа пред Собранието.

 

„Поврзувањето на фактот што не е усвоен извештајот за работа на Судскиот совет за 2023 година и тоа им служи како основа за поднесување на интерпелацијата, сметам дека е апсолутно незаконски, неуставно, недопуштено во конкретниот случај, бидејќи ако го читаме Законот за Судскиот совет, во духот на законот членот 100 во кој се дава можности да се отвори расправа во случај на неусвојување на годишен извештај за работа на Судскиот совет, впрочем, упатува за зајакнување на соработката меѓу судската власт и законодавната власт во однос на решавање на проблемите кои се утврдени во извештајот на Судскиот совет како проблеми во судството заради заедничко надминување“, нагласи Чачарова-Илиевска.

 

Освен за Чачарова-Илииевска интерпелации се поднесени и за  Весна Дамева, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, односно петтемина членови на Судскиот совет, избрани во Собранието.

 

Членот на Сускиот совет Милазим Мустафа, денес рече дека одговориле по сите основи наведени во интерпелацијата и откако ќе завршат псите процедури во Собранието се надева на позитивен исход.

 

Барањето за интерпелација на членовите на Судскиот совет во Собранието на почетокот на месецов го поднесоа пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, „Влен“ и ЗНАМ поради негрижа, нарушување на угледот на судиите и загрозување на довербата на граѓаните во судството.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.