
Кинотеката на Македонија со зголемен буџет од 𝟣,𝟧 милион за 𝟤𝟢𝟤𝟧 година
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 28 Февруари 2025

Н.У. Кинотека на РС Македонија во 2025 година влегува со буџет од 7,5 милиони денари со кои ќе реализираат програмски активности од областа на заштитата на аудиовизуелните добра, проекти од меѓународна дејност и евроинтеграции, како и од издавачка дејност. Буџетот на единствената институција во државава што се грижи за националното аудиовизуелно наследство е зголемен за повеќе од 1,5 милиони денари во однос на минатата година.
Најголемиот дел од вкупната сума, односно 6,5 милиони денари, ќе бидат потрошени на тековни и нови проекти во областа на заштитата, како што се прибирање филмови и филмски материјали, документација и музејски ескпонати, обработка и каталогизација на прибрана граѓа, но и на годишната филмска програма во Кинотеката, преку која се обезбедуваат проекци на актуелни и култни филмски остварувања во една од најпосетените киносали во државата.
Годинава ќе се работи и на дигитална реставрација на уште едно класично дело од македонската кинематографија – играниот филм МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА (1967) на режисерот Трајче Попов, како и на дигитална реставрација на 25 анимирани филмови од македонската школа на анимиран филм, школа која беше активна во ‘70-те и ‘80-те години на 20. век (Д. Марковиќ, Б.Пејчинов, Д. Михајловски, итн.). Играниот филм МИС СТОН (1958) на режисерот Ж. Митровиќ што минатата година беше дигитално реставриран, а оваа 2025 година ќе го добие и своето блу-реј издание.
Во соработка со македонските културно-информативни центри во регионот, Кинотеката ќе организира и презентација на македонската кинематографија преку програма насловена како „Денови на македонски филм“, а на полето на издавачката дејност, покрај новиот број на Кинопис, се подготвува да излезе од печат и монографијата „70 Години македонски филмски плакат“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
