Мицкоски и Ердоган во Турција договорија основање на Совет за соработка на високо ниво

Советот за соработка на високо ниво е значаен чекор за односите меѓу двете држави чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој се наоѓа во прва официјална посета на Турција, кадешто задно со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган ја потпишаа заедничката политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво.

 

Во таа насока Мицкоски образложи дека основите на декларацијата се содржани во самиот темелен документ наречен „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишан уште во 2008 година.

 

„Со цел да го развиеме стратешкото партнерство, донесовме одлука за основање Совет за соработка на високо ниво којшто во самиот документ носи наслов „Совет“, чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво. Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји. Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување“, изјави Мицкоски.

 

Средбата со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, премиерот ја оцени како исклучително значајна и конструктивна – потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји.

 

На средбата станало збор за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена.

 

„Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар. Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од би рекол до една милијарда долари“, рече Мицкоски.

 

Дополнително, на средбата станало збор и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството.

 

Двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот“, рече Мицкоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.