СДСМ бара и поддржува покачување на минималната плата на 500 евра, вели Шукова

Последна шанса да покаже Владата минимум почит кон граѓаните е итно да интервенира со платите. Потребно е покачување на минималната плата на 500 евра бидејќи ова ќе поттикне раст на сите плати. Ако минималната плата не се зголеми на 500 евра, тоа ќе значи дополнително влошување на животот за илјадници семејства, посочи денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.

Според Шукова, Владата не презема никакви конкретни мерки за да ја подобри економската состојба.

-Економските индикатори и факти за животот во Македонија зборуваат јасно – животниот стандард на граѓаните е во постојан пад, додека Владата не презема никакви конкретни мерки за да ја подобри економската состојба. Не само што не презема ништо, туку и не прифаќа ништо понудено до СДСМ, а тоа се докажани мерки за намалување на трошоците за живот. Фактите покажуваат дека цените растат неколкукратно побрзо од платите и граѓаните од ден во ден можат да си дозволат сè помалку, посочи Шукова.

Таа додаде дека струјата е поскапена за 20 до 30 проценти, парното за 5 проценти, а цените на основните прехранбени производи се зголемени за 30 проценти.

-Едноставно економските показатели се брутално точни и нема да се случи никаков раст на економијата, за жал. Индустриското производство паѓа четири месеци по ред, додека извозот е намален за 5,9 проценти. Откако пропаднаа сите кошнички, новогодишни и неновогодишни, јасно е дека Владата нема стратегија за спречување на расотот на цените. Прашање е дали воопшто и сака, вели Шукова.

Таа потенцира дека СДСМ бара и поддржува покачување на минималната плата на 500 евра бидејќи ова ќе поттикне раст на сите плати.

-Оваа стратегија која СДСМ доследно ја спроведуваше додека беше на власт даваше резултати. Благодарение на овој пристап, со СДСМ беа потребни само две минимални плати да се покрие потрошувачката кошничка, а денес со ДПМНЕ се потребни три. Ако минималната плата не се зголеми на 500 евра, тоа ќе значи дополнително влошување на животот за илјадници семејства, кои веќе едвај врзуваат крај со крај. Покачување на платите е единствениот начин да се спречи понатамошното осиромашување на граѓаните и да се овозможи економски напредок. Без оваа мерка, стотици илјади работници ќе продолжат да работат за плата што не е доволна ниту за покривање на основните трошоци, додаде Шукова.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.