Божиновска на средба со јапонската амбасадорка Кавахара: Јакнење на соработката во енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Македонија, Сецуко Кавахара. На средбата се разговараше за јакнење на билатералната соработка, со фокус на одржливата енергија, еколошките технологии и инфраструктурните проекти.

 

Јапонија е долгогодишен партнер на Македонија и значаен поддржувач на зелени иницијативи, модернизација на енергетскиот сектор и заштита на животната средина. Божиновска истакна дека искуството на Јапонија во развојот на чисти технологии и енергетска ефикасност е од особено значење за Македонија во нејзиниот процес на енергетска транзиција.

 

„Јапонија е земја која е синоним за иновации и одржлив развој. Визијата за чиста енергија и ефикасно користење на ресурсите е нешто кон што тежнееме и во Македонија. Верувам дека преку партнерство можеме да ги зајакнеме капацитетите во обновливите извори на енергија и да воведеме напредни технологии кои ќе ја направат нашата енергетска иднина поодржлива,“ истакна министерката.

 

Амбасадорката Кавахара ја потврди посветеноста на Јапонија кон поддршката на проекти во Македонија кои имаат за цел енергетска ефикасност, заштита на животната средина и развој на технолошки решенија за подобра одржливост.

 

На средбата беше нагласена потребата од продлабочување на соработката преку нови заеднички иницијативи и програми кои ќе придонесат кон модернизација на енергетскиот сектор и создавање на почиста животна средина во Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.