
Претреси на повеќе локации низ државата: Бизнисмените Јахоски и Капушевски обезбедени од полицијата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Март 2025

На локации во Скопје и низ државата по акцијата на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера попладне полицијата ги обезбеди бизнисменот и поранешен директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски.
„Доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР извршуваат претреси на повеќе локации низ државава.Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати,“ велат од ОЈО ГОКК.
Од МВР исто така потврдија дека Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, МВР во координација со ОЈО ГОКК по наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето.
Според првичните информации, се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари (околу 160 милиони евра) испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.
Ратко Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која во последните години добиваше јавни набавки во вредност од стотици милиони евра. Неговото име беше поврзувано со контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции.
Покрај Ратко Капушевски, во акцијата на МВР и ОЈО ГОКК претреси се извршени и кај Асмир Јахоски, сопственик на компанијата Пуцко Петрол.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
